Економија, финансии, бизнис

Контакт

Блокирана  ФБ страната на Наставничкиот пленум: Кому му пречи активизмот  на наставниците?!

Блокирана  ФБ страната на Наставничкиот пленум: Кому му пречи активизмот  на наставниците?!
Веднаш по одржување на мирниот протест на Наставнички пленум пред Министерството за образование и наука против според нив, лошите реформи во образованието, администраторите на ФБ профилот на Наставничкиот  пленум забележале  дека не можат  да се вклучат преку истиот. Профилот бил пријавен за лажен и администраторите на ФБ го блокирале и повлекле. Од Наставничкиот пленум велат дека не можат да поверуваат дека некому толку многу можел да му пречи овој профил за да повика на масовно пријавување на профилот за лажен. Но овој чекор, потенцираат од Пленумот,  ќе ги направи уште посилни и поактивни на социјалните мрежи каде многу полесно можат да комуницираат и да го искажат своето мислење и аргументи. “Доколку некој можеби си помислил дека преку згаснување на профилот ќе згасне и нашата активност, тоа би било навистина смешно и површно размислување. Пред неколку часа успеавме повторно да го вратиме профилот бидејќи преку него ги објавуваме активностите на пленумот. Меѓутоа профилот не е единствената алатка која ни служи за комуникација со јавноста. Сите заинтересирани можат да ги следат нашите активности, ставови, аргументации и мислења на нашиот блог  https://nastavnickiplenum.wordpress.com/ или на ФБ групата на НП https://www.facebook.com/nastavnickiplenum и притоа можат и самите активно да се вклучат со коментари”-вели за Фактор, професорката Жана Живадиновиќ -активист  на Наставничкиот пленум и член на СОНК. Таа смета дека не би требало да постои никаков страв доколку сите релевантни структури вклучени во образовниот процес навистина сакаат да го подобрат образованието во земјава, бидејќи  во тој случај  работат  на иста агенда. Нивната детална анализа на новововедените реформи и закони за основно и средно образование, која ја поднесоа написмено до Министерството за образование и наука  очекуваат  да се сфати како подадена рака и помош од практичари чие присуство и мислење е неопходно во процесот на донесување важни одлуки и воведување новитети. “Многу поважно е постојано да се истражува, да се прават компаративна анализи со останатите европски образовни системи, да се учи од нивните грешки но и успеси, да се собираат податоци од терен и сериозно да се евалуираат и анализираат резултатите од веќе воведените проекти и реформи. Тогаш фактите и аргументите се на ваша страна и само така може да создадете цврст темел за подигнување на квалитетот на образованието. Со нашите активности сакаме да покажеме дека професијата ни е важна, ја сакаме и непоколебливо ќе се ставаме во заштита пред сè на интересите на учениците за кои и постоиме, нашите интереси како наставници, а со тоа и интересите на сите граѓани затоа што образованието е темел на едно општество и без исклучок сите нè засега”-вели професорката Живадиновиќ. Наставниците, додава таа, после долги години молчење и инертност се разбудија. Протестот на Наставничкиот пленум,  вели бил со  цел да ги артикулираат своите  барања, да се чуе гласот на наставниците и јавно да покажат дека не се согласуваат  со моделот на екстерно оценување, брзоплетите промени во начинот на полагање на државна матура како и постојаното воведување нови реформи во образовниот процес без притоа да се води грижа за можните ефекти од истите. Според неа бројот на поддржувачите меѓу наставниците бил далеку поголем отколку оние кои излегоа на протестот во неделата, но не мисли  дека биле  малубројни. Напротив, вели,  после толку години гушење, премолчување и стагнација, конечно професорите и наставниците  се одважија да му пркосат и на стравот и на етикетирањето, што е типичен синдром на како што вели, “нашево жално општество”. “И тука мора да им се заблагодарам на студентите кои го осветлија патот по кој треба да чекориме, со љубов кон она што го работиме, со љубов кон сопствената земја и неуморна желба за подобрување на состојбите. Сведоци сме дека Студентскиот, па по нив и Средношколскиот пленум ги раздвижија професорите и наставниците и неретко слушам како треба да учиме од нив. Горда сум на тоа затоа што секој наставник/професор би требало да се гордее со фактот дека неговиот ученик/студент го надминал. Стравот и притисоците се секако присутни. Впрочем истото се случуваше и за време на штрајкот. Како последен пример, ќе наведам дека автобусите со кои на протестот пристигнаа наставници од Куманово, ден по нивното враќање биле пратени на технички преглед и сопственикот е казнет со 12 000 евра. Не знам, некако не верувам дека станува збор за коинциденција. Меѓутоа, на моите колеги би сакала да им порачам дека мора да го надминат стравот. Ако еднаш ви ја најдат точката на топење – готови сте. Треба да разбереме дека само кога сме заедно, обединети не ни можат ништо. Сакам да ги замолам да заборават на поддршка со дошепнувања од страна, по ходниците, во страв да не бидат видени или забележани во нечиј список. За иднината се работи. Мора на стравот да му се погледне в очи, да се најде храброст за спротивставување на сите притисоци затоа што само така во заедничка борба може да стигнеме до посакуваната цел. ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ!”-порачува професорката по англиски јазик. Таа ја поздравува инцијативата за средба помеѓу министерот и Средношколскиот пленум и  се надева  дека министерот внимателно ќе ги ислуша. Учениците, нагласува,  мора и треба да бидат слушнати затоа што се најважниот чинител во образовниот процес и нивна демократска партиципација е повеќе од потребна. Потребни се според неа и реформи, но реформи кои ќе одговорат на предизвиците на училиштето во 21. век. “Предложените реформи не се такви. Ако министерот повторно се обиде да укаже дека „тестот ќе биде лесен“ навистина не можам да разберам што тоа значи во поглед на подигање на квалитетот на образованието. Со оглед на тоа што како Наставнички пленум доставивме барање за разгледување на нашата анализа до надлежното Министерство, секако очекуваме и нас да нè повикаат на средба како би можеле подетално да им укажеме на недостатоците што овие реформи ги содржат и превидите кои Министерството ги направило”-додава професорката Живадиновиќ од Наставничкиот пленум. Новите реформи кои според професорите ќе удрат директно по успехот на учениците, дополнително со години наназад го газат и авторитетот на наставникот  и го урнисуваат суштинското делување, обврска и повик на наставникот-учителствувањето. Па така, според професорката Живановиќ, наместо наставниците да се концентрираат  на тоа како часот да го направат  поинтересен и интерактивен со цел што повеќе ученици да се вклучат во истиот, тие  времето го трошат  на двојни евиденции и рачно пишувани свидетелства, пополнување формулари и изјави кои вели, суштински немаат никаков ефект. Другиот дел од времето се троши на подготовка на учениците за положување на екстерниот испит и реално многу малку време останува за она што навистина треба да биде реализирано во една модерна училница. “Според мене авторитетот на наставникот е одамна прегазен. Тоа до некаде е и добро затоа што и самата не верувам во слепо следење нечии авторитети. Повеќе сакам да зборувам за почит, а почитта се заслужува и децата знаат тоа да го препознаат. Она што мене најмногу ме боли е газење на достоинството. Не нè третираат како интелектуалци туку како експериментални глувчиња кои навикнале да трчкаат во својот кафез чекајќи го денот на нивното погубување, односно евентуално преживување. Со ваквите реформи и непочитување на мислењето на наставниците, невозможно е експериментот да биде успешен и „глувчињата“ да преживеат”-нагласува професорката Живадиновиќ. Од друга страна, вели  постојаното зголемување на административните задачи кои наставниците мора да ги извршуваат секојдневно го понело  својот товар. Но иако дополнително Наставничкиот пленум ќе ги утврдува своите идни активности кои ќе зависат од тоа дали надлежните ќе остварат средба со наставниците од Пленумот и на заедничка маса ќе ги слушнат нивните ставови и анализи за подобар образовен процес, сеуште останува можноста доколку не се најде заеднички прифатливо решение наставниците и професорите повторно да излезат на протест. Професорката Жана Живадиновиќ  на ова прашање само кратко одговори:  “Друг излез не гледам”! С.Б. фото: професорката Живадиновиќ сликана од репротерот на Фокус
Слично

Поврзани вести