Блокирале македонски возила и бараат отварање на границите
На автопатот од Солун, на 1 километар од влезот во земјава, мигранти блокирале автомобили и камиони со македонски регистарски таблички.
Бараат да се отворат границите. Некои од нив легнале на патот, поставиле шатор, а меѓу нив имало и мали деца. По убедувањата од полицијата по 13.30 часот, мигрантите се тргнале.
Во кампот Идомени се чувствува напнатост, откако грчките полицајци се обиделе да ја расчистат железничката пруга и да ги тргнат шаторите, по што бурно реагирале мигрантите.
Полицијата се обидела да приведе една жена, веројатно активистка, а во моментите додека ја носеле кон полициското возило, мигрантите почнале да фрлаат со камења, го скршиле предното стакло на полициското возило и ја ослободиле жената.
Мигрантите и бегалците по инцидентите поставиле блокада од канти за отпадоци и бараат да се отвори границата. Во кампот во Идомени моментално има 11.370 мигранти.
