Блокада на улицата, шатори во паркот и итна седница на Советот на општината Центар
Барикади на улицата пред трговскиот центар „Рамстор“ поствија активисти против уништувањето на зеленилото пред хотел „Бристол“ кои дежураат на тревникот во шатори.
Сообраќајот на улицата е во прекин, а полициски службеници се во близина на заградениот простор определен за изградба на објект.
Активистите поставиле саксија со ела на трупецот на исеченото дрво во некогашниот парк до хотел „Бристол“.
Во среда ќе се одржи вонредна седница на Советот на општината Центар поради сечењето на зеленилото спроти „Бристол“, каде што ноќта во саботата спрема неделата беа исечени неколку дрвја. Градоначалникот на општината Центар, Андреј Жерновски, и претседателот на општинскиот совет Мирослав Шиповиќ договориле во среда да се одржи вонредна седница на Советот на општината Центар, на која најверојатно ќе се зборува за сечата во паркот. Жерновски го осуди сечењето на дрвјата и оцени дека тоа е вандалски чин. Во соопштението од општината се наведува дека градоначалникот ги повикал советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се изјаснат дали ќе ја почитуваат волјата на граѓаните или ќе застанат зад премиерот Никола Груевски. Жерновски го повика премиерот Никола Груевски и тој да дојде пред „Бристол“ за да види што се случило. „На ова место, на местото на дрвјата, кое беше мала оаза за починка и средби на скопјани, ќе никне објектот на Советот за радиодифузија во барокен стил. Да се покажат вистинското лице и потези на власта, одлуката за „убивање“ на паркот“, велат од општината Центар. Според Никола Велковски, поранешен градски архитект и претседател на Групацијата за градежништво при Стопанската комора на Македонија, сега е веќе доцна за каква било реакција и од граѓаните и од општината. Целата работа веќе била позната уште при донесувањето на урбанистичкиот план за овој дел од општината, па сега само се реализира тоа што порано било предложено и изгласано од советниците во општината. „Сега во право се и граѓаните и инвеститорот. Граѓаните си го бранат зеленилото, кое и така го има сѐ помалку од година на година, особено во центарот на градот, но обврска за градење и исполнување рокови има и инвеститорот, кој и да е. Токму поради тоа потребно е урбанистите да работат транспарентно и одговорно кога ги планираат плановите. Тие треба да водат сметка што треба да се сруши, да се пренамени или да се исече уште додека се подготвува одреден детален урбанистички план. Откако тој ќе биде донесен, тогаш следува негова примена во практиката, по што задоцнети се сите несогласувања од која било страна“ изјави Велковски, објави „Нова Македонија“.
Фото - „Нова Македонија“
