Благопријатноста на пишаниот збор
Подари книга-подари добра мисла, сентенца која молскавично одекна на 23 април, по повод светскиот ден на книгата. Со посебна радост и задоволство се подготвував за чествување на тој ден, бидејќи малку подзаборавено е значењето кое го има книгата за сите генерации, без оглед на нивната возраст и образование.
Многу достоинствено и величествено се одвиваа настаните поврзани со светскиот ден на книгата, а мојот придонес се состоеше во донирање на книги, чиј автор, коавтор, рецензент е мојата маленкост и во опис, секако на мој својствен начин, на значението и неопходноста на книгата во современото македонско општество. Емоциите се уште не ми се спласнати, ниту одминати, посебно оние позитивните, оние емоции кои ме поттикнаа и ме втурнаа во виорот на возбудата за мигот кој подразбираше говорење и појаснување на сите придобивки кои една индивидуа ги добива со читање на книга.
Читањето, како значајна културна придобивка, посебно е иманентно кај младата категорија
Денес, во ова наше совремие кое го битисуваме, во овие малку чудни времиња, во овие мигови на еродирани морални норми и криза на вредносниот систем и те како се наметнува потребата од стимулирање на читањето, пред се, како насушна потреба од која секоја индивидуа ќе има повеќе кратен бенефит. Читањето, како значајна културна придобивка, посебно е иманентно кај младата категорија, која денес во својот вредносен дискурс, како малку да го маргинализира феноменот читање и на некој начин го поттурна и не е на листата на приоритети на генерацијата млади. Можеби повозрасните се уште го негуваат односот кон убавиот збор вткаен во книга и секој миг од своето слободно време го користат за да прочитаат нешто ново, нешто што ќе им даде првенствено нови сознанија за одредена проблематика или одреден општествен феномен кој е во центарот на нивниот интерес.
Голем дел од научната елита, на конгреси, на симпозиуми, на семинари, говори и појаснува колку е неопходно домашната библиотека на секоја индивидуа да се збогатува со нови дела. Можеби донекаде држи оправданието на одредени дејци и индивидуи дека во време на енормна сиромаштија, кога обичниот човек секојдневно се бори за гола егзистенција, примарно е да се задоволат неопходните егзистенцијални потреби, но тоа е едната димензија на проблемот. Другата се однесува на културната потреба за надградување, а посебно кога станува збор за младиот човек, кај кого треба да се всади навика дека оној дел од финансиски сретства, кој им е наменет за индивидуално задоволство, треба да го насочат кон купување на книга, бидејќи тоа директно влијае кон надградба на нивниот сознаен капацитет. Исто така е неопходно да се спомене дека издавачките куќи, денес во нашата земја, настојуваат да ги прилагодат своите изданија кон просечниот граѓанин, нудејќи книги со прифатлива цена, сума која може да си ја приушти секој добронамерник.
Убавиот збор железни врати отвора - сентенца која ни го поттикнува мисловниот процес за позитивно мислење
Добробитите од купувањето и читањето книги се мултидимензионални. Не случајно старите и традиционални мудреци зад себе оставиле максими кои се однесуваат на пишаниот збор. Убавиот збор железни врати отвора-сентенца која ни го поттикнува мисловниот процес за позитивно мислење, говорење и делување. Книгата е најдобриот учител-максима која ја изнедрува големината на книгата и значението кое таа му го дава на секој човек, етаблирајќи ја во редот на социјализаторски фактори, кои го обликуваат однесувањето и позиционирањето на индивидуата во општеството. Зборовите, стиховите, деловите прочитани во една книга длабоко се врежуваат во умот на индивидуата и секако стануваат корисни при нејзините практични дејанија.
Да се чита подразбира неселективност во видот на белетристика која денес и те како е достапна и значи да се чита и стручна, наменска, но и литература која вткајува низа животни вистини и мудрости. Почнувајќи од книгите кои се наменети за одредени професии и кои претставуваат теориска основа за голем број на научници, преку детската литература, се до оние книги кои се дел од народните преданија и кои се богати со традиционални мисли и размисли. Поаѓајќи од тоа со право може да кажеме дека секоја книга си има свое значение и со секоја книга сознајниот аспект на човекот се зголемува.
Книгата вдахновува на себе својствен начин, книгата оплотува и книгата културно надградува
Љубовта кон книгата, љубовта кон убавиот пишан збор, љубовта кон културното творештво треба да се всадува од најмала возраст. Кај секое дете, во неговиот вредносен кодекс, кој се гради од раното детство, треба да се развие мислата дека книгата и мудрините и убостите кои се вткаени во неа се незаменливо богатсво. За насушната потреба од читање неопходно е да се имплементира сознанието дека секоја книга си е вредна сама по себе, дека секоја книга е плод на нечија имагинација и секоја книга ни нуди една лепеза на нови сознанија и мудрости.
Книгата вдахновува на себе својствен начин, книгата оплотува и книгата културно надградува. Сознајните и интелектуални капацитети со секое прочитување на ново дело се надградуваат и развиваат и затоа неопходно е да се гаи и негува култот кон пишаниот збор, култот кон книгата и таа да се чествува и да се издигне на пиедесталот на врвни културни и уметнички достигнувања.
Д - р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје
Слично
