Економија, финансии, бизнис

Контакт

Благој Ѓорев уште една македонска компанија во загуба

Благој Ѓорев уште една македонска компанија во загуба

Прехранбената индустрија Благој Ѓорев АД Велес е уште една македонска компанија која има големи предизвици да оствари добивка, барем кога се во прашање првите три месеци од годината. 

Негативните трендови за Благој Ѓорев продолжуваат и се бележат за 16% помали приходи од продажбата кои изнесуваат 127.316.000 денари или за околу 17 милиони денари помалку во однос на К1 2016. 

Благој Ѓорев има послаб извоз годинава со приходи од продажба на странски пазарод од само 9,5 милиони денари, додека во истиот период лани биле остварени 14,3 милиони денари од извоз. Залихите на готови производи и на недовршено производство на почетокот на годината изнесуваат 129.210.00 денари. 

Расходите на Благој Ѓорев од оперативата се речиси преполовени од 157,8 милиони претходната година на 74,1 милиони денари од К1 2017. Главната разлика се „крие“ кај трошоците за суровини и други материјали кои се значително намалени и изнесуваат 48,2 милиони денари. Трошоците за вработените, амортизацијата, услугите со карактер на материјални трошоци и набавната вредност на трговски стоки се речиси непроменети во однос на првите три месеци од 2016-та.

Благој Ѓорев не остварил никакви финансиски приходи, а финансиските расходи по основ на камати, курсни разлики и слични расходи изнесуваат 4,1 милиони денари.

Додека трошоците се во принцип добро распоредени и „контролирани“ без приходи од продажба е сосема јасно дека не може да се реализира поголем „ќар“. Затоа првиот квартал од 2017-та Прехранбената индустрија Благој Ѓорев АД Велес го заврши со загуба од 12.374.000 денари или за речиси 2 милиони денари повеќе во однос на истиот квартал лани. 

„Во овој период крајните залихи на готови производи се помали во однос на почетните и се остварени помали приходи од реализација на залихата во однос на направените трошоци за истата и како резултат на тоа е искажана загуба“, стои во образложението кое го објави Благој Ѓорев.

Просечната цена на акцијата која котира на Македонска берза на Благој Ѓорев има нето вредност од 360,00 денари, а нето добивката по акција изнесува незначителни 1,05 денари. Во последните три години Благој Ѓорев нема поделено дивиденда.

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести