БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПОДДРШКАТА: Џорџ Буш доби орден од премиерот Груевски!
На синоќешната гала вечер во организација на „Македонија 2025“ премиерот Никола Груевски му врачи Орден на Република Македонија на Џорџ Буш.
Како причина за заслужен Орден 43-тиот претседател на Соединетите Американски Држави, премиерот го наведе големиот придонес во градењето на пријателските односи помеѓу Македонија и САД.
При врачувањето на Орденот на РМ, премиерот Груевски му се заблагодари на претседателот Буш за придонесот за стабилноста на нашата земја
„Поддршката која ја дадовте за Македонија ја препознаваат и ценат денешните генерации на Македонци и истата силно ги зајакна темелите врз кои се градат односите помеѓу нашите држави. Во периодот кога бевте претседател, Република Македонија и САД потпишаа Декларација за стратегиско партнерство. Би сакал да знаете дека признавањето на Македонија под уставното име од страна на САД и личната поддршка која ја дадовте во текот на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година ќе останат врежани во македонската колективна меморија“, истакна премиерот Никола Груевски.
Груевски уште еднаш потсети за значајната поддршка на САД кон Македонија, и потенцираше дека Македонија стратешки е ориентирана кон реформи со цел интеграција во ЕУ и НАТО.
