Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бизнисот со струја лани пораснал за 50 отсто!

Бизнисот со струја лани пораснал за 50 отсто!
Растот е комбинација од зголемување на купувачите на електрична енергија по пазарни цени и од зголемен транзит на електрична енергија низ Македонија, може да се заклучи од достапните податоци Приходот на компаниите кои купуваат и продаваат електрична енергија во Македонија во 2014 година пораснал за 51 отсто во однос на 2013 година. Во најголемите 200 компании се рангирани 7 компании – трговци и снабдувачи со струја, а воедно тие се и најактивните компании кои реализираат над 90 отсто од целата реализација на пазарот со струја во земјава. Лани обемот на нивниот приход изнесува 235,56 милиони евра, а во структурата има два клучни односно најголеми играчи, а тоа се македонската филијала на словенечкиот производно-трговски гигант „ГЕН-И“ (која во земјава е регистрирана за трговија со струја) и македонската компанија за снабдување со струја „Енерџи деливери солушнс“ (ЕДС). На први април лани започна втората фаза од либерализацијата на македонскиот пазар на електрична енергија. Престана да важи регулираната цена на електрична енергија за 222 компании кои работат во Македонија и кои добија можност да се снабдуваат на пазар по слободно формирани цени од некоја од компаниите кои работат трговија и снабдување со електрична енергија. Така се создаде материјал за тргување односно побарувачка за електрична енергија која според енергетичарите-познавачи изнесува просечно конзум од околу 100 мегавати во еден час. Ефектите се видливи од објавените податоци: прометот на компаниите регистрирани за трговија и за снабдување со струја пораснал за 50 отсто во однос на лани. Повеќе од 220 компании од април почнаа да се снабдуваат со електрична енергија по цени од слободниот пазар. Формирани се неколку компании за снабдување со електична енергија, а регистрирани се и нови компании за трговија со електрична енергија. Токму поради оваа трансформација од регулирани во пазарно ориентирани потрошувачи сосема логично и очекувано се намалија приходите од продажба на ЕВН Македонија - операторот на дистрибутивниот систем кој беше и регулиран снабдувач со електрична енергија на тие над 220 компании до 1 април лани. Од билансите што таа компанија ги објави на берзата се гледа дека нејзините приходи лани се за 2,12 милијарди денари (околу 34 милиони евра) пониски од реализацијата во 2013 година. Тоа во најголема мерка се намалени приходи заради отварањето на втората фаза од либерализацијата на пазарот. Транзитот низ Македонија и снабдувањето на македонските потрошувачи Од анализа на податоците дадени во публикацијата можат да се изведат два заклучоци. Генерално објаснување на растот на приходите треба да се бара во комбинација на раст на домашниот пазар, но и на голем раст на транзитот на електрична енергија заради потребите на регионалниот пазар. Прво, дека транзитот на електрична енергија низ преносната мрежа е главна дејност на компаниите регистрирани за трговија лани. Од достапните податоци може да се заклучи дека растот на приходите во најголема мерка е резултат на транзитот на електрична енергија низ преносната мрежа на Република Македонија која всушност трговците ја продаваат во соседните земји или подалеку, а таа само транзитира низ нашата земја. Традиционално најголем конзумент на увозна електрична енергија во нашиот регион е Грција особено во туристичката сезона што трае од мај до октомври кога Грција угостува милиони туристи. Македонската филијала на трговската компанија „ГЕН-И“ лани има приходи од 82,16 милиони евра. Во однос на 2013 година тие се повисоки за 532%. Во услови на пад на пазарното учество на таа фирма на македонскиот пазар лани во однос на 2013 година е доказ дека во најголема мерка растот на нејзините приходи е генериран од транзит со електрична енергија. На листата објавена во публикацијата има седум компании кои се занимаат со продажба на електрична енергија. Пет од нив се компании за трговија, а две се снабдувачи. Разликата е во тоа што снабдувачите се во поголема мера фокусирани на домашпниот пазар. Ако се гледаат податоците кај трговските компании може да се заклучи дека единствено ЕФТ Македонија ги губи своите пазарни позиции зашто има пад на приходите од 75 отсто во споредба со 2013 година. Сите други компании бележат растови на приходите. Процентуално најголем раст има чешка „Езпада“ и тој изнесува 1.666%. Нејзиниот приход лани е 12,94 милиони евра. Таа лани речиси или воопшто не продавала на македонскиот пазар, а нема ниту вработени лица во земјава. Тоа говори дека целосно или во најголема мерка компанијата работи транзит на електрична енергија. Второ, зголемување на учеството бележат компаниите снабдувачи „ЕДС“ и „Енерџи Сервисис“. Лани приходот на компанијата за снабдување „Енерџи Сервисис“ изнесувал 17,95 милиони евра и бележи раст од 105 отсто во однос на 2013 година. Сепак ланската година таа ја затворила со загуба од 660.000 евра, а имала поголема загуба од 2013 година. „ЕДС“, пак на македонскиот пазар е најголем учесник со 38,2 отсто (според официјални податоци на Операторот на пазар на електрична енергија) и затоа што веројатно освоил најголем дел од новосоздадената понуда на пазарот од либерализацијата во април 2014 година. Прометот на „ЕДС“ лани изнесува 75,95 милиони евра. Неговата пазарна позиција на крај на 2014 година изнесува 38,23 отсто, а во 2013 била 31,3 отсто. Компанијата очигледно го зголемила бројот на операции, пазарното учество и тоа се гледа и по зголемениот број на вработени. На крај на 2014 година вработувала 20 лица, а на крај на 2013 година бројот на вработени изнесувал 7 лица. Со зголемување на пазарното учество за 43 отсто, профитот на компанијата паднал за 8 отсто, а на крај на 2014 година изнесувал 1,79 милиони евра. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести