Бизнисот на Аутомакедонија во „иста брзина“
Акционерското друштво Аутомакедонија во првиот неконсолидиран финансиски извештај за првиот квартал од годинава прикажа солидни бројки кои беа во плус со пристојни приходи. Сликата не ја менува ниту вториот извештај кој е консолидиран и ги претставува сите бизниси со кои располага Аутомакедонија. Разликата е мала, но позитивен знак е тоа што Аутомакедонија бележи речиси исти резултати како и лани со за нијанса зголемена вкупна добивка иако вкупните приходи се намалени за околу 1 милиони денари.
Аутомакедонија АД Скопје од сите бизниси во К1 2017-та остварил продажба на домашниот пазар вредна околу 220 илјади евра. Интересно е што оперативните расходи на Аутомакедонија во првите три месеци од годинава се идентични како и во првите три месеци лани, па така тие изнесуваат речиси 2 милиони евра.
Идентична е и ставката набавна вредност на трговски стоки која и во двата квартала изнесуваат околу 1 милион евра. Платите и трошоците за вработените изнесуваат 365 илјади евра за првите три месеци од годината. Намалувањето на финансиските расходи е речиси двојно и тие во овој квартал изнесуваат околу 11 илјади евра.
Крајниот резултат укажува на тоа дека Аутомакедонија АД Скопје остварил вкупен профит од 111 илјади евра. Во неконсолидираниот извештај на Аутомакедонија профитот беше нешто помал и изнесуваше околу 70 илјади евра.
Автор: Христијан Станоевиќ
