Бизнисменот Зоран Кондратенко купува фирма од поранешниот министер Томе Тромбев
Скопскиот бизнисмен Зоран Кондратенко ја презема фирмата Монтинг Инженеринг Битола од поранешниот функционер Томе Тромбев. За преземањето на компанијата за изградба на челички конструкции објави Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Кондратенко, инаку сопственик на Техноинженеринг и Енерго Систем, од декември лани веќе е впишан како управител наместо поранешниот битолски пратеник Томе Тромбев, кој своевремено беше директор на Гранит, но и министер за урбанизам, градежништво и животна средина, како и советник и координатор на проекти во Владата.
Фирмите на Кондратенко веќе соработуваат со една позната градежна битолска компанија - Стентон Градба, а од она што е претходно медиумски покриено може да се заклучи дека заеднички се работело на изградба на конструкции на нови фабрики во индустриските зони.
„МОНТИНГ ИНЖЕНЕРИНГ доо Битола е друштво за проектирање, производство и монтажа на челична конструкција и опрема, како и услугите поврзани со нив. Основната дејност на друштвото е производство на челични конструкции“, пишува на веб страницата на битолската компанија, на која е нагласено дека нејзините производи се погодни и за извоз во ЕУ. На интернет страната како проекти на кои се работело може да се видат изградбите на фабриките на странските инвеститори БМЗ, Магна и Бреинчајлд, но и на шопинг центри како Ист Гејт Мол. Од јавни објекти, Монтинг Инженеринг најмногу работел на конструкција на мостови, но и на јавните базени во Охрид и Кичево кои уште се во изградба. Во странство исто така има проекти, меѓу кои стадиони во Црна Гора и молот на Делта во Ниш. Од завршените проекти, најмногу се работело на конструирање на индустриски хали. А.К.
