Бизнисменот Ташевски го предаде ветерниот парк на „Интеренерго“
Бизнисменот Ѓорѓе Ташевски го продаде својот удел во Паркот на ветерни електрани Еуроинг на словенечките компании Интеренерго и Тригал. Ташевски за „Фактор“ потврди дека повеќе не е мнозински сопственик и дека Словенците имаат нова понапредна технологија со која ќе го довршат проектот.
На местото на сопственикот на „Еуроинг“ како управители доаѓаат Штерк Блаж и Матеј Рунјак, додека главен извршен директор е запишан Горан Ковачевиќ од Скопје.
Ветерниот парк со инсталирана моќ од 30 мегавати во вредност од 40 милиони евра ќе се гради на потегот помеѓу селата Стојаково и Селемлии во Општина Богданци. Оваа инвестиција треба да се реализира до 2023 година а договорот за аквизиција помеѓу фирмата Еуроинг и „Интеренерго“ и „Келаг“ во присуство на премиерот Зоран Заев се потпиша пролетта.
Долгорочно во земјата планирано е да се произведуваат 750 мегавати електрична енергија од ветерни електрани.
Засега единствен ветерен парк е оној во општина Богданци на АД ЕСМ со инсталирана моќ од 36,8 мегавати.
„Интеренерго“, инаку во сопственост на австриската „Келаг“, најдоцна до 2023 година треба да ги стави во функција шесте ветерни турбини на проектот кој ќе го носи името „ВЕ Гевгелија“.
Владата веќе потпиша договор за стратешка иневстиција со за Ветерниот парк Вирови на германската компанија ВПД која предидува изградбата на 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Крива Паланка, во вредност од околу 500 милиони евра.
А.К.
