Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бизнисменот Кирил Лазаров регистрира три нови компании за еден ден

Бизнисменот Кирил Лазаров регистрира три нови компании за еден ден

Еден од најпознатите македонски бизнисмени Кирил Лазаров, сопственик на националната агенција за обезбедување на лица и имот „НИКОБ“, која воедно е најголем домашен работодавач во Македонија, е основач на три компании во еден ден. Во друштвата за трговија со гас, производство на електрична енергија и трговија со опрема, младиот струмички бизнисмен е или сопственик или управител, а сите се регистрирани на иста адреса.

На 20 октомври го пријавил друштвото за трговија и снабдување со природен гас Арктек-Гас Дооел Скопје со седиште во Кисела Вода. Како дејност се наведува трговија на гас преку дистрибутивните системи, а засега се работи за микро претпријатие. Кирил Лазаров е впишан како управител.

На 20 октомври исто така е пријавено и формирањето на АРМ Технолоџи Доо Скопје, друштво за производство и трговија со специјализирана опрема, со седиште исто така во Кисела Вода. Покрај Лазаров, сопственици на ова претпријатие се уште и Томас Бровн од Лос Анџелес и Георге Витанов од Њујорк. Дејноста е посредување со трговија со разновидни производи.

На истиот ден е поднесена пријава и за основање на друштво за производство и снабдување со електрична енергија Арктек Био Енергија Дооел Скопје. Лазаров е исто така управител на претпријатието за кое е предвидено да произведува електрична енергија.

Блиски луѓе од неговото опкружување ни рекоа дека тоа се проекти кои се на самиот почеток од својот развој и дури по некое време ќе се види како ќе се одвива прогресот во нивната работа, односно дека уште е рано да се зборува за амбициите.

Агенцијата за обезбедување „НИКОБ“, чие седиште исто така се наоѓа во Кисела Вода, важи за петти најголем работодавач во Македонија и прв доколку не се сметаат странските инвеститори. Минатата година работеле 1.839 луѓе. Нивниот број во однос на претходната година е зголемен за 336.

Лазаров, инаку претседател на Македонско-бугарската стопанска комора, летоска беше добитник на признанието признание „Лидер на годината за Југоисточна Европа“. Признанието се доделува за лидерство во економијата и развојот, во интеграцијата на балканските земји во поширокото европско семејство.

А.К.

Слично

Поврзани вести