Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бизнисменот Јаневски ќе се откаже од „Мекдоналдс“ и во Бугарија?

Бизнисменот Јаневски ќе се откаже од „Мекдоналдс“ и во Бугарија?
Бизнисменот Светозар Јаневски, откако ја загуби франшизата за рестораните „Мекдоналдс“ во Македонија, планира да ја продаде неговата компанија што ја поседува франшизата за „Мекдоналдс“ во Бугарија, пишува бугарски „Капитал“. Cпоред весникот, компанијата „Кингсбури корпорејшн“ планира да ја купи компанијата „Санфуд холдингс“, која е потписник на договорот за франшиза за таа земја. Сопственик на „Санфуд холдингс“ е токму Јаневски, заедно со неговиот бизнис-партнер во Македонија, Зоран Малтиевски, и поранешниот директор на „Мекдоналдс Бугарија“, Иван Лисиков. Тие се избрани за партнери на „Мекдоналдс“ во Бугарија пред седум години, по што од 21 ресторан го зголемуваат бизнисот на вкупно 36 објекти, а името на компанијата се менува од „Мекдоналдс Бугарија“ во „Санфудс Бугарија“. Според бугарски „Капитал“, препродажбата на „Санфудс“ станува јасна од поднесеното известување на фирмата до Комисијата за заштита на конкуренцијата во Бугарија. За параметрите на договорот информации нема, а сè што се знае за идниот сопственик е дека нема врска со овој бизнис. Според известувањето до Комисијата за заштита на конкуренцијата, компанијата „Кингсбури“ работи во областа на обновливите извори на енергија. Ниту Јаневски, ниту бугарскиот претставник Лисиков не биле достапни за коментар за бугарскиот „Капитал“. Во канцелариите на „Санфудс“ исто така не одговориле на прашањата, а во европската централа рекле дека „не коментираат интерни прашања“.  
Слично

Поврзани вести