Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бизнисмените загрижени – пад на размената меѓу Македонија и Косово

Бизнисмените загрижени – пад на размената меѓу Македонија и Косово
Македонските и косовските бизнисмени на заедничка маса ги изнесоа причините за намалената трговска размена и предлозите како да се надмине проблемот. Стопанствениците проблемот го лоцираа во неангажираноста и неинформираноста на компаниите и коморите и неприродните бариери. До властите ќе испорачаат неколку барања- укинување на бирократските бариери, подобрување на меѓуграничните процедури и реализација на инвестициите во инфраструктурата. „Владите и приватниот сектор мора да работат поинтензивно за да се подобрат билансите. Економската соработка меѓу Македонија и Косово треба да се подигне на повисоко ниво. Заради близината, заеднички ќе се потрудиме да одржуваме саемски манифестации кои ќе ја поттикнат нашата размена и размената со трети земји. Се наоѓаме во фаза на добивање на неколку сериозни средства од ИПА фондовите, така што преземаме низа мерки од наш аспект кои можат тоа да го подобрат. Сега имаме голем предизвик. Треба да го надоместиме губитокот на извозот на ОКТА на косовскиот пазар. Ќе се фокусираме на тоа, но максимално ќе вршиме и притисок да се олеснат процедурите, косовските производи полесно да стигнуваат на нашиот пазар зашто сме во сериозен суфицит и мал е процентот на извозот од Косово во Македонија“, изјави претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Од Стопанската комора на Северезопадна Македонија велат дека падот на трговската размена бил очекуван, а се она што досега се спроведувало било на волја на бизнисмените од двете земји. „Сигурно дека бизнисот е тој кој се обидува да го даде максимумот, но тоа се прави благодарение на ангажманот на стопанствениците и тоа често не наидува на поддршка и на добрата волја кај двете влади за да се надминат бариерите иако долго време се укажува на тоа. Двете влади имаат сторено многу малку, дури во некои сегменти биле и кочничари на активностите што секојденвно ги промовираат стопанствениците. Тука сме за да им бидеме патоказ, каде треба да дејствуваат за размената да биде на соодветно ниво. Но сепак сметам дека треба да поработиме и на промоција на нашите производи“, вели Мендерес Кучи, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Според косовските бизнисни, добрите патишта се клучот за успешна економска соработка. Бизнисмени велат трпат огромни загуби поради тоа што три до пет дена, се чека за влез на македонски производи во Косово и обратно. Сметаат дека една од опциите за решавање на проблемот е унифицирање на политиките. „Разговаравме за конкретни проблеми, како да се надминат бирократските процедури. Прв чекор е што поскоро да се тргнат бирократските процедури на граничните премини. Неприфатливо е од Приштина до Скопје да се патува за четири часа. Време е да учиме од Европа, да имаме интегрирано делување на границите. Трето, да се инвестира во инфраструктура бидејќи без такви инвестиции не е можна економска соработка“, изјави Сафет Грџалиу, претседател на Стопанската комора на Косово. Според податоците, извозот на македонски производи на косовскиот пазар е намален за 38%. Намалување бележи и трговската размена. Податоците покажуваат дека во првите три месеци од годинава споредбено со истиот период лани, извозот во Косово забележал пад од 21%. Така вкупната трговска размена меѓу Македонија и Косово во првите три месеци од годинава е нешто повеќе од 56,6 милиони долари, додека лани истиот период била околу 67,8 милиони долари. Со цел да се надмине проблемот и да се зголеми трговската размена, стопанските комори на Македонија и на Косово потпишаа Меморандум за соработка. Меморандумот за соработка предвидува и заедничко одржување саемски манифестации кои ќе ја поттикнат меѓусебната, но и размената со трети земји, како и реализирање заеднички проекти за добивање средства од ИПА фондовите. Планирано е во следните шест месеци, секоја од коморите да испрати свој претставник, Македонија во Косово, а Косово во Македонија, за да се зголеми протокот на инфорамции потребни за пласман на производите. Дополнително Стопанската Комора на Македонија и Комората на Северозапдна Македонија потпишаа специјален договор за соработка. Со овој договор е предвидено да има секојдневна размена на информации, одржување заеднички прес-конференции еднаш месечно за прашања кои ги засегаат компаниите, како и заеднички седници на управните одбори на секои шест месеци со цел дефинирање на економските политики. Ј.С.
Слично

Поврзани вести