Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бизнисмените бараат акредитирани лаборатории за поконкурентни производи

Бизнисмените бараат акредитирани лаборатории за поконкурентни производи
Со цел да се олеснат услугите за компаниите, во 24 лаборатории во рамките на јавните високообразовни и научни институции, ќе може да се прават анализи и испитувања. Што може да се прави во нив, бизнисмените ќе дознаат до крајот на октомври, кога ќе им бидат презентирани апликациите и истражувањата што тие ги поддржуваат лабораториите. Според министерот за образование и наука Спиро Ристовски, вака ќе им се олесни на бизнисмените кои повеќе нема да бидат приморани да користа тешко достапни анализи кои ги прават во далечни земјите и за многу повисоки цени. Идејата е на овој начин да се спои науката и стопанството. „Во овие 24 лаборатории се инвестирани речиси 500 милиони денари и по своите специфичности тие се меѓу ретките во регионот“, рече Ристовски кои појасни дека во нив може да се работат анализи од повеќе области како градежништво, текстилна индустрија, информатика, телекомуникации, животна и работна средина, земјоделство и безбедност на храна и слично. Овие лаборатории беше појаснето дека се дел од 80-те нови лаборатории за истражувачки дејности за кои се вложени 1,6 милијарди денари со што, рече Ристовски, ова е еден од најголемите проекти на Владата. Од Сојузот на стопанските комори посочија дека проверката на квалитетот на македонските производи ќе ги направи поконкурентни на светските пазари и ќе го зголеми извозот. Се надеваат дека и реално ќе се поттикне соработката на приватниот сектор и истражувачките установи. „ Незначителен број од нашите производствени капацитети можат да си дозволат да поседуваат развојни и истражувачки лаборатории, па на овој начин значително се придонесува кон нивните потреби за подобрување на квалитетот и создавање нови и конкурентни производи. Тие ќе значат и намалување на трошоците, заштеда на време и избегнување на логистиката што е потребна испитувањата да се направат во странство“, рече Митко Алексов од Сојузот на стопанските комори. За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, важно сега е самите лаборатории да работат на надградување на кадарот, да ги следат светските трендови и да ги пренесат нивните искуства, рече Азески. Како посебен проблем беше посочена и акредитацијата на лабораториите, а бизнисмените побараа од Владата тие да се акредитираат и во нашиот Институт за акредитација и во други земји, за да бидат признаени македонските сертификати и на странски пазари.
Слично

Поврзани вести