Бизнисмени должат милиони за спортски објекти, државата не наплатувала
Претприемачи од последните 15 години му должат вкупно 3,2 милиони евра за закуп на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, објави Слободен печат.
Станува збор за спортски сали, стадиони, лизгалишта, базени и други објекти кои ги имаат добиено под концесија, додека државата со години ништо не презела за да го заштити државниот имот.
Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти во Скопје, Прилеп, Кратово, Штип и Куманово има педесетина објекти што ги издава под закуп и за кои со години не може да ја наплати закупнината. Како што велат од претпријатието, најстариот долг е од пред 15 години и закупците со години ги користат објектите и печалат пари без да и дадат денар на државата.
– Најголем дел од договорите, поранешните директори на јавното претпријатие ги склучувале во четири очи, без да има одлука на Управен одбор, што е спротивно на пропишаната процедура. Исто така, закупнините се многу пониски од пазарните. Согласно условите во договорите, тие требало да се раскинат после две неплатени закупнини, но тоа се толерирало и ништо не се преземало – велат од јавното претпријатие.
