Економија, финансии, бизнис

Контакт

Бизнис заедницата во Македонија очекува повисок раст од проектираниот

Бизнис заедницата во Македонија очекува повисок раст од проектираниот

Бизнис заедницата во Македонија очекува раст на економијата над проекцијата од 2 проценти годинава. Очекувањата ги темелат на зголемениот извоз кон европските земји и податоците за раст на БДП во првите два квартала од годинава.

Ова го истакнаа претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески и извршниот директор на Сојузот на стопанските комори на Македонија Митко Алексов по најавата на гувернерот на Народната банка на Република Македонија дека се очекува растот на БДП да биде над 3 отсто.

- Очекуваме повисок раст затоа што го зголемивме во овој период извозот кон Западна Европа за 10 проценти што значи дека е позитивна тенденција, изјави Азески и додаде дека и во наредниот период очекуваат да има повисока стапка и дека тој оптимизам се пренесува и во Буџетот во 2014 година.

- На крајот од минатата година предвидувањата беа дека растот ќе биде 2 проценти. Позитивните движења во еврозоната во првиот и во вториот квартал позитивно се рефлектираат на нашето стопанство, особено во делот на зголемување на нашиот извоз. Податоците што ги имаме за економскиот раст во првиот и во вториот квартал се поголеми од очекувањата, но сепак очекуваме овие трендови да продолжат и во втората половина од годинава, можеби не со таков интензитет како во првиот и вториот квартал. Како и да е, годината ќе ја завршиме позитивно помеѓу 2 и 2,5 проценти доколку биде и повеќе тоа ќе биде подобро и за нас, истакна Алексов.

 Бизнис заедницата ја поздравува и најавената законска регулатива за финансиска дисциплина.

- Ова е голема новина. Очекувам да има проблеми во примената, но подготвени сме за сите ризици и ако има компликации ќе се вршат дополнителни интервенции, истакна Азески.

Слично

Поврзани вести