БИЗНИС СО СУВЕНИРИ: Прилепско семејство тврди дека од оваа работа може да се живее
Од оваа работа има профит, но за жал кај нас, во специјализираните продавници за рачни изработки се помалку се цени рачната изработка и се трудат да го донесат кинескот кич кој е поевтин и не е оригинален, раскажува 40 годишната Драгица Велкоска од Прилеп.

Таа веќе 4 години се занимава со изработка на сувенири, кои ги продава во специјализирани продавници во домашните туристички центри, но и во други делови на земјата. Сувенирите ги прави сама, а при продажба и помага сопругот. Во оваа работа многу ѝ помогнал нејзиниот талент, занимавањето со уметност цели 13 години и сликањето во повеќе техники.

„Пред 4 години бев понесена од убавите македонски етно шари и богатата традиција и посакав тоа да го преточам на една слика. До идеја за еден ваков бизнис дојдов покрај мојот сопруг и еден негов пријател кој ни предложи за потребите на неговата сувенирница во Охрид да изработам вински шишиња со разни етно везови и слики. Во нашата семејна куќа имаме деловен простор кој воедно е и изложбен салон каде ги изложувам сите мои креации, а ги има во голем број. Во врска со изработката работам сама, а во делот на продажбата имам помош од мојот сопруг“ – вели Велкоска.
Околу изработката, раскажува дека за различни сувенири е потребно различно време и труд за да се направат, зависно од материјалот.
„На пример за глинените производи е потребно повеќе време бидејќи има кај нив повеќе процеси додека да се дојде до крајниот производ. Тие процеси се боење, сушење, цртање, па повторно сушење и на крај лакирање, односно временски период од 3-4 часа, додека кај цртањето на порцелан и на стаклени шишиња времето е пократко и изнесува 2-3 часа. Секако, зависи и што треба да се нацрта, полесно е изработка на етно везови отколку цртање на слика. Најчесто користам готови глинени производи, порцелан, дрвени лажици, даски и стаклени шишиња полни со вино“ – додава Велкоска.

Таа вели дека оваа работа иако носи профит, сепак е сезонска и мора да се работи нешто друго во остатокот од годината.
„Сакам да напоменам дека оваа роба најчесто ја бараат и ја купуваат странски туристи, кои многу повеќе го ценат и почитуваат оригиналот од кинескиот кичерај. Со добра организација на работата и трошоците може да се заработи од оваа работа, но проблем е што оваа работа е сезонска и трае само неколку месеци“ – рече Велкоска.
Велкоска вели дека освен сувенири, прави украсни чинии, чаши, слики изработени со камчиња, но сепак таа е задоволна и си обезбедува егзистенција од својата работа.
Сања Атанасовска