(Обновено) Бизнис отворен ден на Економскиот факултет од Љубљана
Во Стопанската комора на Македонија денес се одржа отворен бизнис ден на Економскиот факултет од Љубљана. Факултетот е рангиран на високото второ место според Шангај листата на најдобри факултети во Источна Европа. Презентирани беа повеќе информации за програмите за магистерските студии на Интернационалната бизнис академија, за тековните активности на економскиот факултет од Љубљана, како и соработката на институцијата со бизнис секторот.
„Економскиот факултет во Љубљана е една исклучителна институција која е ставена во функција на бизнисот, претставува редок пример на овие простори како треба економијата и бизнисот да бидат поставени во корелација и да работат “, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Во текот на отворениот ден се истакнаа и клучните области кои ги бараат инвеститорите кога сакаат да инвестираат во една земја. Образовниот кадар, безбедноста, стабилноста на земјата, човековите права, демократијата и правна држава.
„Образованието е клучно во зацврстување на неколкуте важни области во Европската унија - мирот, стабилност, безбедноста, инвестициите, фондовите. Правилното образование на младите лица придонесува за јакнење на овие области и помага во задржување на младите кадри во земјите, наместо нивно иселување“, истакна Андреја Кодрин од Европскиот фонд за инвестиции.
„Двајца студенти кои завршиле на на овој факултет биле вработени во странство, но се вратиле во Република Северна Македонија на барање токму на нивните фирми како искусни да продолжат да работат од земјава, во нивните фирми, сподели министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолова.
За магистерските
студии и тековните активности на Економскиот факултет од Љубљана зборуваше
декан Метка Текавќиќ, која истакна дека скоро 20 години македонски студенти
учат на државниот Економски факултет во Љубљана.
