БИЗНИС ФАЦИ 2015 Зоран Ставрески: Паричката со две лица!
Годината ја почна со најави за нови проекти и позитивни економски проекции, но некој месец подоцна опозициските бомби ја променија сликата за неговите ставови. Зоран Ставрески-министерот за финансии кој неговите поранешни колеги го опишуваат како интелегентен и понизен пред надредените, откако СДСМ лани во март објави прислушувани разговори во кои тврди дека еден од соговорниците е Ставрески, јавноста го виде во поинакво светло и со поинакви ставови за Владата и македонската економија.
Во една од снимките кои ги објави СДСМ, Ставрески и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, во неколку минутниот разговор , отворено разменуваат мислења за владината политика и за реалната состојба во која што се наоѓа економијата. Овој разговор ја разобличи розовата слика за раководењето со буџетот, состојбата со приходите, македонската економија, наредбите од премиерот Никола Груевски, а Ставрески, на некој начин ги собра симпатиите на дел од јавноста, онаа која не се согласува со начинот на кој се води македонската економија.
СДСМ-Бомба бр.6
Машки глас: „Ние сме лудаци, ова што го правиме е ненормално! Ние трошиме на чоколада, а дома немаме леб!.. Веќе не знам, дувам приходи вештачки за да вклопам некако, и пак ќе биде зошто за ѕвездената прашина нема пари…Луѓево како да се идиоти, нон стоп предмети со фискални апликации, на дрво да ги берев париве, немаше да успеам, не иде вака, се повеќе и повеќе должиме. “
Женски глас: „Kомуњарите се во право кога велат дека власта е забегана…Не се оди со глава во ѕид, нека се скрати плата или луѓе, што ќе работи полиција ако нема пари за бензин, ќе седи во канцеларија без струја? Да имам можност јас ќе кажам, ама не сум имала”.
Но, неколку дена по објавувањето на овие прислушувани разговори, за кои СДСМ тврди дека разговраат Ставрески и Јанкулоска, министерот го демантираше прислушуваниот разговор, изјави дека не кореспондира со реалноста и е надвор од вистинскиот контекст. Тогаш Ставрески рече дека е нормално луѓето во Владата да имаат различни мислења и дека сите тие се ставаат на маса, се разгледуваат и се бира најквалитетно решение. Наспроти прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, во изјавата за јавноста Ставрески тврдеше дека македонската економија е во добра состојба, кондицијата на буџетот е одлична и никакво сценарио за банкрот нема да случи.
- И денеска, по којзнае кој пат, беа изнесени истите тези дека државата е пред колапс и банкрот, а всушност, ништо од тоа не е точно. Граѓаните треба да се водат од реалноста, од она што го гледаат, од аргументите и фактите кои велат дека последниве години невработеноста е намалена за една третина, креирани се 125 илјади работни места, како резултат на реформите во земјава дојдоа над 30 странски компании, државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа, пензиите континуирано се зголемуваат, се зголемува и социјалната помош, а над 600 милиони евра се издвоени и за земјоделците, изјави на 3-ти март 2015 година, министерот Зоран Ставрески.
Турбуленциите во ресорот на Ставрески продолжија во текот на целата 2015-та година. Политичката криза ги помати економските проекции , два пати се ревидираше растот, прво од 4,1 % на 3,5 % па на 3,2 %, растот на јавниот долг продложи. Министерот изјави дека политичката криза не е добра за стопанството, но дека македонската економија е на добра патека и сме во групата на умерено задолжени земји.
Кратко траеше коректноста со Наумов
А политичката криза донесе и други новини за Ставрески. Во ноември 2015-та година, доби нов колега- според договорот од Пржино во ова министерството за финансии како дополнителен заменик-министер влезе Кире Наумов од СДСМ, главниот критичар на политиката на Ставрески. Иако на почетокот и двајцата изјавија дека имаат коректен однос, коректноста кратко траеше. Следуваа два месеци на меѓусебни конфликти. Се почна со издавањето на евробврзницата и врзаниот потпис. Планот на Ставрески беше сумата на еврообврзницата да биде половина милјарда евра, но потоа се намали на 270 милиони евра.Заслугата си ја препишаа и Ставрески и Наумов. Следуваа нови аукции, Ставрески се соочи со вето за од страна на Наумов кој побара да се забранат аукциите на домашен пазар ако не се во износ на раздолжувањата. Ветото на Наумов не го прифати Државната изборна комисија, а препукувања кулминираа со судски процес за одлуката на стариот состав на ДИК по однос на барањето за вето. А, во целиот период на економски и политички турбуленции, но ви во период кога се чека оставката на премиерот Никола Груевски, и покрај опозициските бомби, во јавноста како можен иден премиер се споменува токму името на министерот Ставрески.
Фактор од кабинетот на министерот Ставрески побара став какви се неговите очекувања за новата економска година и кава соработка годинава до изборите очекува со дополнителниот заменик министер Наумов , но одговор не добивме.
И додека се чека разрешницата за прислушуваните материјали што ги објави лани СДСМ, за граѓаните сеуште е нејасно дали навистина трошиме на чоколади а немаме за леб или пак буџетот е во одлична кондиција.
Р.Ф
Слично
