БИЗНИС ФАЦИ 2015 Кире Наумов: Сизифова битка во паричникот на „преродбата“!
Кире Наумов - еден од најголемите критичари на финансиската политика на власта, измината 2015-та влезе како коректив на актуелниот министер за финансии Зоран Ставрески. Како дополнителен заменик-министер за финансии Наумов, во зградата на финансии се смести на 8-миот кат, еден кат подолу од неговиот колега Ставрески. Досега со министерот не пиеле кафе надвор од зградата, состанoците ги имале само во министерскиот кабинет. Намов за Ставрески ќе каже дека е добар економист, но политичкиот притисок го прави друга личност.
На почетокот имале коректен однос, но очигледно сугестиите и интервенциите на Наумов во финансиските политики не му се допаднале на Ставрески, па конфликтот беше неизбежен. Аукциите на државните хартии од вредност или популарно кажано задолжувањата на Владата на домашен пазар, беа причина за сериозен конфликт помеѓу Ставрески и Наумов. А од тогаш и комуникацијата им станала поретка. Наумов не очекува дека односот со Ставрески, ќе се подобри, напротив вели дека во новата 2016-та година ќе следува тежок период за соработка.
-Со министерот Зоран Ставрески очекувам дека ќе имаме тежок период на соработка. Иако од економистот Ставрески слушнавме дека трошиме за чоколади, а немаме за леб и дека само лудаци вака водат држава, сепак министерот Ставрески на неколку часа пред изминувањето на 2015 година го објави календарот за задолжувања за наредните шест месеци. Според тој календар само во 2 од 26 вторника (вторник е ден кога се одржуваат аукциите) не се предвидени задолжувања. Првиот вторник беше 05 јануари кога ниту законски не беше можно да има аукција и нареден вторник кој е пропуштен е 24-ти мај, кој пак е неработен ден. Дури во јануари една аукција наместо во вторник е закажана за среда односно на 20-ти јануари, затоа што тој вторник е неработен ден. Ама очигледно Ставрески не можел да дозволи дури два вторника односно две аукции во јануари да бидат прескокнати. Ете во каква ситуација не доведе двоецот Груевски Ставрески. Да бидеме на чекор од финансиски колапс. Тоа го покажува и долгот што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување го има кон двете приватни пензиски друштва. Тоа се пари на идните пензионери што сега незаконски се задржуваат. Без да ги наведувам и проблемите околу согласностите за нови вработувања и долговите на буџетските корисници и јавните претпријатија, во ваква ситуација не очекувам конструктивна атмосфера во коминикацијата со министерот, вели за Фактор Наумов.
Се почна со издавањето на еврообврзницата
Наумов не чекаше многу за да го искористи правото на врзаниот потпис согласно договорот од Пржино. Првиот обид за упад и спротиставување на политиките на министерството, го стори при издавањето на еврообврзницата.Првично Владата евробврзницата ја планираше во износ од половина милјарда евра, но од СДСМ посочија дека преку Наумов во министерството се воделе интензивни преговори за намалување на сумата под негов притисок задолжувањето се намали на 270 милиони евра.
-СДСМ нема да дозволи неразумно задолжување што ќе ги задолжи следните генерации. Но, СДСМ нема да дозволи граѓаните да останат без плати, пензии и субвенции. Затоа го ставив мојот потпис на ова задолжување, изјави на 24 Ноември 2015 година, дополнителниот заменик-министер за финансии Кире Наумов.
Но по успешниот обид со еврообврзницата, следуваа аукциите на домашен пазар. Наумов изјави дека нема да стави потпис на задолжување на домашен терен кое во поголем износ од предвидената сума за раздолжување. И тогаш препукувањата со Ставрески кулминираа. За аукцијата на почетокот на декември лани, Наумов не го стави својот потпис бидејќи Владата барала повеќе пари отколку што реално е потребно за раздолжување. Ставрески го обвини Наумов дека ако ја сопре аукцијата, ќе ги остави граѓаните без пензии, плати, социјална помош, субвенции. Наумов не попушти, до стариот состав на Државната изборна комисија поднесе барање за вето за задолжувањата на домашен пазар, но ДИК го одби барање. Аукцијата се одржа, Владата бараше 100 милиони евра, а од домашните кредитори доби 73,6 милиони евра. Ситуацијата кулминираше со судски процес. СДСМ поднесе тужба до Управен суд против стариот состав на ДИК, наскоро се очекува одлука. По одбивањето на барањето за вето, Наумов ги повика банките да бидат внимателни при кредитирањето на дражавата и да се однесуваат како странските банки при емитувањето на еврообврзницата, односно да не позајмуваат пари без двоен потпис. На последната аукција кон крајот на 2015-та, банките и позајмија на Владата онолку колку што беа потребни средства за раздолжување.
Но во јавноста остана отворено прашањето, како сега откако не се прифати барањето за вето кое важи за сите следни задолжувања, Наумов ќе ги спречи задолжувањата за кои и самиот изјави дека во оваа изборна година се најмногу досега? Наумов пред нова година изјави дека нема да се откаже од блокада на прекумерните задолжувања, а банките да имаат во предвид дека секоја аукција без потпис од дополнителниот заменик министер за финансии, може еден ден да биде оспорена.
Наумов:Проектот Вистината за Македонија ќе ја измени политичката иднина во Македонија.
Според Наумов започнатите процеси во 2015-та година ќе имаат резултат оваа но и во следните години.
-Проектот „Вистината за Македонија” ќе ја измени политичката иднина во Македонија. И не мислам само од аспект на заминување на оваа политичка гарнитура од политичката сцена, туку многу повеќе од аспект дека овој проект поттикна процеси кои во иднина ќе не заштитат како граѓани од вакви злоупотреби и кршење на основните човекови права. Не смее да се дозволи повеќе ваква злоупотреба на системот од неколкумина кои мислеле дека се можат и се им е дозволено. Во наредниот период ќе се донесат низа законски мерки кои ќе оневозможат во иднина да ни се повтори ваква или слична состојба, без разлика кој е на власт.Заштитата на основните демократски права и секако правната завршница за сите злоупотреби што ги слушнавме преку проектот „Вистината за Македонија” се моите главни очекувања за 2016 година, вели Наумов.
Но, годинава Наумов го чека уште многу работа. Во оваа изборна година треба да се справи со 24 аукции на државни хартии од вредност само во првата половина од годинава и од него се очекува да спречи злоупотреба на задолжувањата за изборни цели. Но и јавноста очекува многу одговори од Наумов, како на пример колку реално изнесува јавниот долг, дали од задолжувањата ни зависат платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош и крајно дали навистина немаме за леб а трошиме за чоколади, или пак имаме и за по некое чоколадо? На својот фејсбук профил Наумов неодамна напиша „Ништо не е завршено. Борбата против "чоколадите" за фамилијата продолжува. Утакмицата трае 90 минути - 24 Април”.
Р.Ф
Слично
