БИЗНИС ФАЦИ 2013 Субрата Рој: Индиска ѕвезда со Боливудски сјај!
Субрата Рој е дефинитивно ѕвезда на годината што измина. Милијардерот кој е под закана да ги изгуби милијардите и сиот имот во Индија во Македонија е пречекан со сите почести.
Новиот македонски херој во 2013 триумфално влезе во Џумајлија. За бериќетна работа, со православни обичаи, сечење ленти и индиски специјалитети се означи стартот на почетокот на индискиот Сахара проект за земјоделство. Качени на нови трактори претставници на Сахара груп со македонскиот државен врв го изораа првото парче од земјиштето што индискиот бизнисмен Субрата Рој го купи од пропаднатиот агрокомбинат Џумајлија. Вредноста на инвестицијата е 211 милиони евра. Според договорот компанијата на бизнисменот Рој е должна во следните три години да набави 20.000 грла крави. На земјиштето од околу 6.000 хектари е предвидено да се произведува добиточна храна, изградба на фарми и на регионална млекарница во која дневно ќе се произведува 80.000 литри млеко.
Индискиот бизнисмен Субрата Рој, освен во земјоделство најави милионска инвестиција со изградба на хотелски комплекси во Охрид, во познатото место Љубаништа. И оваа приказна би била одлична да не стасаше веста од Индија за забрана на Субрата Рој да ја напушти неговата матична држава.
Но, нашите власти не се откажуваат од милијардерот. Тоа што Врховниот суд на Индија со која на Субрата Рој и на уште двајца директори на компаниите на „Сахара груп“ им се забрани да ја напуштат Индија, немало да има влијание врз инвестициите на овој индиски бизнисмен во Македонија. Дополнително, Сахара груп не престанува со инвестициите ја купи најскапата кола во Македонија, па нејзиниот сопственик Субрата Рој ќе се вози во бентли од пола милион евра. Дали навистина нас ни се посреќи, ја фативме златната рипка Субрата и конечно ќе можеме да го почуствуваме гламурот и сјајот на елитата токму преку објектите кои што ќе се градат, ќе ни се посреќи да некој си најде работичка и си го обезбеди парченцето леб токму работејќи во неговите фирми?
Фамилијата на Субрата исто така најави дека еден од главните проекти и инвестиции ќе биде големата филмска продукција со индиско потекло. Боливуд стаса и во Македонија.
Субрата Рој последната посета на Македонија ја заокружи со неколку клучни пораки. Се решил да инвестира во земја каде нема корупција и ја одбрал Македонија, а потоа ни порача дека треба да посветиме повеќе време на секс, особено оние посиромашните. Е, па благодариме и Среќна Нова Субрата Рој!
Слично
