БИЗНИС ДИСТРИБУЦИЈА: Колкави приходи вртат најголемите пет домашни дистрибутери?
Најголемите пет домашни дистрибутери заедно: АВТ Интернационал, „Алма М“, „Даути комерц“, „Рудине“ и „НЕЛТ“ направиле приходи од 124 милиони евра!
Бизнисот со дистрибуција на продукти за широка потрошувачка носи големи обрти, но и заработка, покажуваат податоците за петте најголеми (или најпознати) дистрибутери на стоки за широка потрошувачка во земјава. „Фактор“ направи анализа на податоците објавени во Централниот регистра на Македонија (ЦРМ) и тие покажуваат дека лани најголемите пет домашни дистрибутери заедно: АВТ Интернационал, „Алма М“, „Даути комерц“, „Рудине“ и „НЕЛТ“ направиле приходи од 124 милиони евра!
Заеднички именител на сите дистрибутери е тоа што растат или остануваат исти приходите од продажба што укажува на тоа дека постои отворен простор на унапредување на овој бизнис. Што се однесува до добивките на компаниите кај три од нив е забележлив раст, а кај две намалување на профитот во однос на 2016 година. И кај добитните компании воочливо е дека профитот како дел од целиот приход е многу понизок од профитот што го прават , на пример, градежниците кои продаваат станови, а за кои „Фактор“ објави вчера.
„Даути комерц“ е најголема дистрибутивна компанија од аспект на приходот од продажба и од аспект на бројот н вработени лица. Овој голем дистрибутер лани има приход од продажба во износ од 2,6 милијарди денари односно над 40 милиони евра. Приходите пораснале за 8 отсто во споредба со лани. Добивката на компанијата изнесува 28,6 милиони денари и тоа нешто над 1 отсто од приходот. Најголемата дистрибутивна компанија остварила најмал профит во споредба со конкуренцијата од другите 4 компании. Добивката на оваа компанија во споредба со 2016 година се намалила за 65 отсто. „Даути“ вработува 320 лица и во однос на 2016 година нивниот број се зголемил за 37 лица.
Од аспект на приходите најблизок конкурент е „Нелт“ кој лани остварил приход о 32,85 милиони евра односно 2,03 милијарди денари и тој е понизок за 5,4 отсто од 2016 година. Добивката на оваа голема дистрибутивна компанија лани е 89,7 милиони денари и е повисока за 17 отсто. Бројот на вработени изнесува 215 лица и е поголем за 27 лица од лани.
Трет во големата петорка според остварените приходи е дистрибутерот „Алма М“ кој лани остварил приход од 1,92 милијарди денари односно 31,1 милиони евра. Оваа компанија лани оствари најголема добивка во однос на целата конкуренција и таа изнесува околу 2,2 милиони евра односно 132 милиони денари. Оваа компанија во споредба со конкуренцијата има и најдобар сооднос на добивка како дел од приходите од продажба. Бројот на вработени е 245 лица и е ист како и во 2016 година.
„Рудине“ е во големата петорка и неговите приходи од продажба изнесуваат 1,12 милијарди денари односно 18,2 милиони евра. Неговата пазарна позиција лани пораснала за 9 отсто во споредба со 2016 година. Добивката на компанијата изнесува 35,8 милиони денари и во однос на 2016 година е зголемена за 5 отсто. „Рудине„ лани го зголемил бројот на вработени за 27 лица и тој достигнал 215 лица.
„АВТ Интернационал“, иако најмал во големата петорка, е компанија со најголем процентуален раст на приходите во споредба со конкуренцијата. Неговиот приход од продажба надминал 1 милијарди денари односно 17 милиони евра и е зголемен за 20 отсто во однос на 2016 година. Профитот на компанијата е 36,9 милиони денари и бележи пад за 16 отсто во однос на 2016 година. Бројот на вработени е зголемен за 19 лица и изнесува 121 лице.
Р.Ф.