Битолските гимназијалци со поддршка за Студентскиот пленум
Јавна поддршка за студентската окупација на универзитетите и солидарност кон Студентскиот пленум, изразија денеска битолските средношколци од Горната гимназија ,,Јосип Броз Тито “ – како што пренесува НОВА.
Со транспаренти ,,И ние ќе бидиме студенти’’, ,,Не пиеме мастило” и ,,Поздрав Пленумци” , гимназијалците од Битола застанаа пред своето училиште и ги поздравија студентите кои веќе две недели ги окупираат универзитетите.
Тие велат дека тоа е ставот на учениците од целата Гимназија од прва до четврта година, затоа што во иднина и тие ќе бидат засегнати од актуелниот закон за високо образование.
„Тука сме за да го искажеме нашиот став на ниво на гимназија, дека целосно ги поддржуваме студентите кои се борат и за нашите права бидејќи нас, како идни студенти, нѐ засегаат законите кои се носат. Ова е став на сите ученици од прва до четврта година“, вели Христијан Грујовски, ученик во Гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.
Тој додаде дека средношколците ги посетуваат и им даваат поддршка и на битолските студенти, кои веќе седми ден спијат во просториите на Техничкиот факултет.
И покрај тоа што веќе една недела помина од прогласувањето на Автономна зона и во Битола, проблемот со греењето не е решен, па температурата во просториите на факултетот сѐ уште е во минус.
Според деканот на Техничкиот факултет д-р Стојанче Нусев, парното греење се исклучувало заради штедење нафта. Тоа што тој им дозволил да користат греалки не ја подобрило ситуацијата, затоа што, според студентите, електричната инсталација била преслаба за да можат да се вклучат онолку грејни тела колку што е потребно.
(И.К)
Слично
