Битолскиот градоначалник за еден мандат направил богатство
Опозициските советници од општина Битола денеска го покажаа имотниот лист на градоначалникот Владимир Талески.
Благојче Котевски, од редовите на СДСМ во Битола, денеска пред општинската зграда обвини дека од 2009 до 2013 година, за време на вториот градоначалнички мандат, Талески успеал своето богатство да го зголеми за околу 100.000 евра.
„Во споредба со имотниот лист од 2013 година, станот од 70 квадратни метри е тука, станот од 52 квадрати метри е тука, станот од 46 квадрати метри е заменет со друг стан за кој нема назначено квадратура, но има зголемена вредност од два милиони денари. Возилото е тука, накитот од речиси 6.000 евра е тука, заштедата од 60.700 евра е тука, како и веќе исплатениот кредит од 16.410 евра" - набројуваше Котевски.
Котевски ја повика Комисијата за спречување корупција да ја разгледа промената во имотната состојба на Талески и да постапи во согласност со законските прописи.
