Битолскиот градоначалник без коментар за објавените снимки на Заев
Откако вчера лидерот на опозицијата ја објави таканаречената шеста по ред „бомба“ и во еден од аудио разговорите според него беше спомнат и Битолскиот градоначалник Владимир Талески во разговорот на Јанкулоска и Ставрески кои откриваат низа криминални дела во врска со транспортот на учениците.
Имено, Талески истакна дека во целата таа постапка не постои никакво коруптивно работење и не постои криминал притоа не сакајќи да ги коментира објавените телефонски разговори напоменувајќи дека за истите очекува правна разврска.
- Разговорот каде што сум спомнат се однесува на темата училишен превоз и транспорт на ученици, а начинот на кој опозицијата сака да се наметне и да ги дисквалификува функционерите на ВМРО-ДПМНЕ е низок и го допира дното. Заради шпекулации мотивирани од различни причини за јавниот превоз, министерот испрати инспекција за ревизија и притоа се укажа на системски забелешки и препорачки кои ние ги испочитувавме и така продолживме да работиме до ден денес. Во целата таа постапка не постои никакво коруптивно работење за што бевме обвинувани, не постои незаконско работење и не постои криминал. Постои само чиста законска постапка, а за тоа имам потврда од надзорот, појасни Талески.
Тој очекува правна разврска и смета дека не треба стопроцентно да се прифатат снимките онакви како што сега се пренесуваат во јавноста.
