Економија, финансии, бизнис

Контакт

Битола, интервју Владимир Талески: Динески не е вистински конкурент, сигурно победуваме!

Битола, интервју Владимир Талески: Динески не е вистински конкурент, сигурно победуваме!
Владимир Талевски, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Битола. Талевски е актуелен градоначлник, кој бара трет мандат од битолчани. Магистрирал  театарска режија – на Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности - Европска Филмска Академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк. Инаку е дипломиран актер. Роден е 1959 година во Кичево. На противкандидатот од редовите на  СДСМ, Менде Диневски му порачува, да не влегува неподготвен и како резултат на нечиј избор, односно како резултат на изборот на неговиот лидер. Фактор: Барате трет мандат од Битолчани, со кој адут во однос на сработеното од првите два мандати ќе настапите во трката? Талески: ВМРО ДПМНЕ во своето работење посветува големо внимание на отчетноста. Отчетот на Општина Битола е изработен на 144 страници и достапен како во електронска, така и во печатена форма. Нашите резултати се реални, потврдени од нашите сограѓани, признати со интернационални признанија. Во изминатите 8 години реконструиравме над 80 % од улиците во нашата општина, го модернизиравме воспитно - образовниот процес, создадовме една убава општина без диви депонии, без опасност за движење низ градските улици. Ги модернизиравме влезовите во нашата општина, изградивме три нови кружни текови, што значи олеснување и безбеден сообраќај. Деценискиот проблем со улицата Железничка успеавме да го надминеме со нејзиното пробивање. Поттикнати од интересот и потребите на нашите граѓани создадовме културно лето кое бележи исклучителен културен развој. Континуирано се зголемува бројот на посетители, но и бројот на учесници. Со помош на Владата на Република Македонија и соодветните министерства создадовме услови за децата на улица, за старите лица, изградивме нови спортски сали и спортски игралишта, а пред се добивме можност да создадеме нови работни места. Со огромната поддршка на Владата ја изградивме Индустриската зона Жабени и привлековме 32 инвеститори кои купија 49 градежни парцели. Таму веќе работат 200 наши граѓани. Накусо, почнувајќи од нула создадовме општина во интерес на потребите на нашите граѓани. Фактор: Што би издвоиле од Вашите досегашнин проекти? Талески: Денес Битола има квалитетно водоснабдување, модернизирани сообраќајници, европски лик. Интензивниот подем во економскиот раст го потврдуваат „Златен рид“, „Индустриската зона Жабени“, „Битола филмски град“ и многу други проекти.  Имено, најдобар показател за добрата бизнис клима се и двете големи признанија од Светска банка, добиени во 2008 и 2011 година со кои нашата општина е избрана за најдобра дестинација во Doing business, односно во конкуренција од 22 града од 7 земји од Југоисточа Европа, според извештајот на Светска банка и нивните показатели за прописи во бизнисот и нивното спроведување, Битола е рангирана на прво место. Битола беше прогласена за најавангардна туристичка дестинација на саемот во Лугано Швајцарија во 2009 та година, а во 2012 за најпрестижна дестинација на Балканот за културно наследство и фестивалски програми. Од посебно значење за нас се и наградите од Балкансаката алијанса на хотелски асоцијации – Битола лидер во културен туризам за 2011 година, како и голем број признанија за транспарентност и лидерски способности. Денес, Битола е полноправна членка на Европската асоцијација на градови и региони со историско значење – членство кое нашата општина го доби на меѓународниот саем во Верона, Италија. И во идниот период продолжуваме со успеси од светски размери. Фактор:Кој ќе биде клучниот проект на кој ќе се посветите доколку ја добиете довербата на граѓаните? Талески: Во нашата програма имаме неколку приоритети кои претставуваат клучни проекти со кои и понатаму ќе продолжиме да ја градиме иднината на Општина Битола. Би издвоил неколку проекти на чија што реализација максимално ќе продолжиме да работиме: Ќе продолжиме со создавање на услови за реализирање на што поголем број инвестиции  во ИЗ Жабени, затоа што тоа е  концепт кој максимално ни помага за решавање  на  еден од најгорливите проблеми создаден од долготрајната транзиција и катастрофално спроведената приватизација – невработеноста. Фабриката  Кромберг и Шуберт веќе е изградена. Таму веќе се вработени наши сограѓани, а оваа година ќе има вкупно 1000 вработени, до 2014 – 15 ќе има вкупно 2500 вработувања. До тогаш  ќе има уште неколку нови фабрики кои исто така предвидуваат нови вработувања. Исто така ќе продолжиме со доизградба на старата касарна – или сега Златен рид каде што веќе имаме нови инвеститори кои градат, а продадени се и други парцели кои за скоро ќе имаат нови градби. Таму  планираме сосема  нова инфраструктура, бидејќи тоа ќе биде  нова населба со современи градби и потполно нови објекти.  Се работи за површина од 103 хектари каде навистина треба да се направат големи зафати. Планирани се  20 нови високоградби (згради) 175 куќи, трговски центри, хотели, училишта, градинки, филмски град, вотерленд, нови спортски терени, паркови.... Тоа ќе биде една од најубавите населби во Битола. Битола ќе стане спортски град. Со добивање на надлежноста врз спортските објекти и со измените  во Законот за измени во спортот,  се создадоа  можности за директно вложување во спортот. Битола има многу спортски таленти. Ќе ги помогнеме сите спортови во Битола. Подготвуваме услови за изработка на проект  и реализација за спортски комплекс под Тумбе кафе. Исто така, проектите за топлификација и гасификација на Битола кои ќе ги реализираме во соработка со Владата на Република Македонија се од голема важност за сите жители на нашата општина. Планираме завршување и на сите започнати инфраструктурни проекти, како и реконструкција на киното на Браќата Манаки во центарот на градот, изградба  на нов мост – Црн мост со современи сообраќајни решенија .... и уште многу други проекти кои се содржани во нашата програма. Фактор:Што е она што можеби и недостига во моментот на Битола и може да се нарече слабост на градот? Талески: Токму оние проекти на кои што ставаме акцент во нашата програма го сугерираат она што и недостасува на Битола. Иако, локалната самоуправа нема надлежност да вработува, таа може да создава услови за вработување. Нашите проекти имаат тенденција на намалување на невработеноста, решавање на проблемите со инфраструктурата особено на оние места каде што со децении не се интервенирало, како и трајно решавање на проблемот со греење во Битола и овозможување на пониски трошоци за греење на домаќинствата и компаниите, како и пониски трошоци за енергенти на производствените капацитети кои користат гас. Фактор:Кога може да се очекува старт на производство од индустриската зона Жабени и дали таа може да обезбеди доволен економски раст за Битола? Талески: Интернационалниот бренд, австриско германската компанија  „Кромберг и Шуберт“ која што отвори своја фабрика во Индустриската зона Жабени веќе започна со производство и извоз. Издадени се три одбренија за градба и оваа градежна сезона очекуваме новите инвеститори да почнат со изградба на своите фабрики. Според нашите проекции и динамиката со која се одвива продажбата на градежните парцели очекуваме дека индустриската зона Жабени значително ќе ја намали невработеноста и ќе придонесе за вистински економски раст на Битола. Фактор:Најавувате гасификација на градот, со вклучување на Македонија на Јужен поток, но, тоа ќе се реализира за после 2017 година. Се разгледуваат ли можеби други алтернативи за овој проект? Талески: Со вклучувањето на Република Македонија во проектот „Јужен Поток“ и проектот за Изградба на националната гасоводна мрежа, ќе се овозможи гасификација на општина Битола со изградбата на секундарната и терцијалната мрежа ќе се овозможи пониски трошоци за греење за домаќинствата и за компаниите, како и пониски трошоци за енергенси на производствените капацитети кои ќе го користат гасот. Извор на финансирање на овој проект е буџетот на Република Македонија и во договор со надлежните кои го водат овој проект, Општина Битола во рамките на своите надлежности максимално ќе ги исполни сите услови за што побрза реализација на овој проект. Фактор: Од аспект на инфраструктурните проекти, што е она на што ќе посветите најголемо внимание, доколку победите во трката? Талески: Во Општина Битола како што споменав, интервенциите во инфраструктурата ги немало со децении. Неквалитетно водоснабдување, дотраена канализациона мрежа, раскопани улици, диви депонии беше сликата на нашата општина која ја затекнавме во 2005 та година. Откако започнавме да раководиме со Општина Битола извршивме голем број интервенции, реконструкции, акции...Во нашата програма предвидуваме реконструкција на над 100 улици, реконструкција на водоводната мрежа во градот, изградба на водовод во повеќе селски населби, подготовка на техничка документација за собирање и за третман на отпадни води, реконструкција и проширување на канализациската мрежа во општина Битола и изградба на пречистителна станица за отпадни води, уредување н паркови и нови зелени површини и многу други проекти содржани во нашата програма. Фактор: Најавувате Битола филмски град, како ќе го реализирате овој проект? Талески: Битола филмски град, всушност е проект кој веќе се реализира. Битола со своето богато културно историско наследство и со големите поволности кои ги дава локалната самоуправа веќе привлекува домашни и странски режисери и продуценти чии што сценарија се реализираат на овие простори. Во Битола веќе се снимаат епизоди од култниот серијал „Тврдокорни“, турскиот режисер Ердал Мурат Акташ веќе подготви сценарио за филмот „Волшебно патување“ чие што снимање ќе започне од мај оваа година. Во изминатиот период во Битола се снимаа „Балканот не е мртов“, „Трето полувреме“, краткометражниот игран филм „Вишновата градина“, турската серија „Збогум Румелија“...значи Битола има потенцијал и станува филмски град, а ние имаме стратегија со која ќе овозможиме овој проект да живее, а бенефитот од него ќе биде за целата општина. Привлекување на домашни и странски екипи да снимаат филмови ТВ – серии во Битола, адаптација на објекти и опрема е само дел од она што со нашата програма го предвидуваме за реализација на проектот Битола филмски град. Фактор:  Каква битка, очекувате за Битола? Талески: Во Битола реално чувствуваме дека немаме вистински конкурент. СДСМ и нивниот сојуз немаат што да им понудат на граѓаните, во избори влегуваат комплетно неподготвени, немаат програма, а немаат ниту демократски избран кандидат. Сметам дека и кога би имале програма според нивниот досегашен начин на однесување, не би биле во состојба да ја реализираат, затоа што зад нив непостојат реализирани дела кои граѓаните можат да ги видат и од нив да ги почувствуваат резултатите. Фактор:  Што ќе му порачате на Вашиот противкандидат од СДСМ? Талески: На противкандидатот од СДСМ му порачувам овојпат навистина да извлече поука од искуството, да не прифаќа работи кои не ги познава, да не влегува неподготвен и како резултат на нечиј избор, односно во случајот како резултат на изборот на неговиот лидер. Искрено се надевам и верувам дека во иднина изборот ќе го прави сам, а не како последица на туѓи желби и замисли, затоа што граѓаните знаат да препознаат што е искрено. Нашата искреност се дела, дела содржани во нашиот отчет, како и нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Битола, содржани во нашата програма.
Слично

Поврзани вести