Битола, интервју Менде Динески: Талески да се подготви за нормално примопредавање на функцијата!
Менде Динески, кандидат на СДСМ за градоначалник на Битола. Диневски е актуелен пратеник во Собранието. Дипломирал на Стоматолошкиот факултет во Скопје и е доктор по стоматологија, специјалист по орална хирургија. Роден е во 973 година. На противкандидатот и актуелен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Талески, му порачува дека да создаде услови за нормално примопредаве на фунцкијата градоначалник на Битола.
Фактор: Со кој адут ќе настапите пред битолчани на локалните избор?
Диневски: На овие локални избори пред се ќе настапиме со еден нов, млад, чесен и искусен тим кој целосно ќе се посвети на решавање на проблемите на граѓаните, проблеми кои Талески не успеа да ги реши во неговиот осум годишен мандат, а во меѓувреме направи редица нови.
Фактор: Кој ќе биде клучниот проект на кој ќе се посветите доколку ја добиете довербата на граѓаните?
Диневски: Наш клучен проект во секој случај ќе биде гасификација на Битола, која ќе има значаен позитивен ефект, како врз стопанството така и врз семејниот буџет на битолчани што ќе се постигне преку ниската цена на овој енергенс. Покрај овoј проект наш приоритет е да ги задржиме младите во градот преку создавање услови за отварање на нови работни места, што е основен и горлив проблем, но и понуда на севкупен квалитет во општественото живеење.
Фактор: Сметате ли дека Гасификација на Битола е реалност, и дали ќе одите на варијантата со која и Струмица стана гасифицирана општина?
Диневски: Гасификацијата на Битола е реалност и наш најголем предизвик со чија промоција настапивме уште пред половина година.
Убедени сме дека успешниот пример на Струмица која со сопствени средства и сили, без никаква поддршка од централната власт успеа да направи систем со кој го воведе гасот во Струмица, овозможуваjќи подобри услови за стопанисување и живот, ќе биде пресликан и кај нас.
Намалувањето на трошоците за користење на енергенсите ќе овозможи заштедените средства да се искористат во проширување, модернизирање на стопанските капацитети, што ќе доведе до отварање на нови работни места.
Фактор: Што е она што можеби и недостига во моментот на Битола и може да се нарече слабост на градот?
Диневски: За жал денес Битола се соочува со огромни проблеми во сите сфери на општественото живеење. Непостоње на никаква визија за економски развој, сообраќаен хаос, уништен спорт и руинирани спортски објекти, огромни долгови на јавните претпријатија, установи и на самата Општина, се само дел од проблемите со кој се соочуваат граѓаните.
Фактор: Од аспект на инфраструктурните проекти, (патишта, водоводи) што е она на што ќе посветите најголемо внимание, доколку победите во трката?
Диневски: Изградба на три нови булевари, уредување на коритото на реката Драгор изградба на нови мостови и реконструкција на постојните. Довршување на влезовите кон градот, пробивање на нови улици и инфраструктурно уредување на просторот во поранешната касарна.
Промена на дотраените и изградба на нови водоводни и канализациони системи, конечно решевање на проблемот со азбестните цевки, изградба на пречистителни станици и ободни канали.
Посебен акцент ќе ставиме на поврзување на руралните средини со градските водоводни и канализациони мрежи.
Фактор: Како ќе им помогнете на руралните средини?
Диневски: За руралните средини посветивме посебно внимание имајќи го предвид нивниот придонес кон целокупното живеење. Во нашата програма посветен е посебен дел наречен „Наше маало, наше село“ што впрочем претставува регистар на потребите на граѓаните во руралните средини, содржан од импутот на мештаните, кој го дадоа за време на проектот „Отвори врата за иднината“.
Ние се обврзуваме да ги решиме поголем дел од нивните инфраструктурни проблеми кои се наталпожени веќе една деценија.
Фактор: Како ќе се справувате со високата невработеност?
Диневски: Со високата невработеност – најголемиот проблем во нашето општество ќе се справуваме преку низа мерки кои ќе бидат насочени кон подобрување на бизнис климата, разни стимулации за отварање на нови работни места, поддршка на микро, малите и средни бизниси, поддршка на развојот на ИТ секторот и др. Конкретно ние за оваа цел во нашата програма имаме предвидено понуда на еднакви услови, како за странските, така и за домашните инвестиции, а ќе отвориме и општински центар за развој на малите бизниси и бизнис едукација, каде претприемачите ќе добиваат финансиска, просторна, административна и едукативна поддршка.
Фактор: Во градот се присутни голем број грчки фирми, сметате ли дека треба да се развива прекуграничната соработка, и на кој начин?
Диневски: Прекуграничната соработка е од клучно значење за нашата општина, особено имајќи ја предвид нашата географска близина со Република Грција.
Имаме за цел Битола повторно да стане регионален центар кон кој ќе гравитираат сите градови од соседството. Пред се се залагаме за завршување на реконструкција на пругата Битола-Лерин, збогатување на соработката на евро регионот Битоа-Корча-Кожани, организирање на заеднички средби на бизнисмените од соседството.
Фактор: Очекувате ли соработка со централната власт доколку победите на изборите?
Диневски: И досега независно што локалната и централната власт беа од истата политичка гарнитура, Битола многу фајде не виде. Тој игнорантски однос на централната власт очекуваме да продолжи и во иднина, односно се додека не дојде до промена на владата и се додека не дојдат луѓе кои ќе посветат повеќе внимание на рамномерниот регионален развој на државата.
Фактор: Може ли Битола да добие еден европски лик?
Диневски: Битолчани на овие избори ќе имаат можност да одлучат дали ќе продолжи погубната политика која Битола ја стави на маргините на случувањата во државата или ќе се одлучи да тргне по еден нов пат, пат кој ќе значи развој на градот во сите сфери на општественото живеење. Имајќи ги предвид 16-те Топ проекти во нашата програма заедно со стотиците дополнителни мерки, проекти и решенија, европскиот лик на Битола е загарантиран.
Фактор: Што ќе му порачате на Вашиот противкандидат од ВМРО?
Диневски: На актуелниот градоначалник би му порачал достоинствено да го заврши својот мандат и да ги создаде сите неопходни услови за нормално примопредавање на функцијата.
Слично
