Битола доби своја Топлификација, за греење ќе почека
ЕСМ го основаше претпријатието кое ќе треба со топлинска енергија да ги загрева домовите и институциите во Битола. Минатата недела е регистрирано друштвото за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија ЕСМ Топлификација Битола Дооел од Новаци.
За директор е поставен извесниот Драган Силјаноски од Битола, инаку засега непознат во јавноста. Во надзорниот одбор членуваат Снежана Макаријоска, Дејан Србиновски и Атанас Табаковски. Последните двајца се тесно поврзани со владеачката партија СДСМ. Едниот е портпарол на ОО СДСМ Битола, а другиот претседател на ОО СДСМ Ресен.
Во април започна поставувањето на цевките од топловодот од РЕК „Битола" до самиот град. Топловодот ќе обезбеди топлинска енергија за Битола, Новаци и Могила – трите општини во близина на термоелектраната. Покрај Скопје, Битола некогаш имаше парно греење и своја Топлификација, но веќе 15 години се живее во надеж дека радијаторите повторно ќе се стоплат преку РЕК „Битола“.
Во декември минатата година беше соопштено дека е започната изградбата на топловодната мрежа за Битола, Могила и Новаци. Топлинската енергија ќе се создава од производството на електрична енергија и ќе се спроведува во системот за парно греење на трите општини. Изведувачи се градежните компании Рапид Билд и Гранит.
„Проектот е во вредност од 46 милиони евра, од кои 39 милиони се кредит од германската КфВ банка, а 7 милиони се средства на АД ЕСМ. Рокот за изведба на проектот е две години. Согласно планот, на почетокот на топлификацијата ќе се приклучат 35 општински и државни институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот. Со другите две третини ќе се задоволат потребите на големите станбени и деловни згради и на индивидуалните куќи во Битола, Новаци и Могила“, соопштија претходно од ЕСМ.
Во план е за почеток да се приклучат 35 државни и општински инстутуции во Битола, кои ќе користат една третина од капацитетот на системот, а со другите две третини да се задолволат потребите за греење на зградите и индивидуалните куќи. Проектот за топлификација пред повеќе години го најави ВМРО-ДПМНЕ, но директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, рече дека бил во застој зашто првичниот проект бил економски неисплатлив и еколошки неоправдан. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека топлификацијата ќе има големо влијание врз зачувување на животната средина и ќе ги намали трошоците кај домаќинствата за загревање.
Александар Кузмановски
