Битно се гради! За правилна урбанизација се збори само пред избори и при несреќи
Стандардите за урбанизација, иако тој збор веќе звучи оксиморонски, и натаму тонат, пропаѓаат исто како свлечишта на земја среде центар на Скопје, а единствена светла точка е што барем нема жртви. Џабе бројни дебати пред изборите во 2025 година за тоа како треба да се развива урбанизмот, особено во Скопје и најмногу во централните градски општини.
Лошо обезбедени градилишта, мерки од страна на општината и инспекциските служби по настанати инциденти, а многу помалку превентивно, и издавање дозволи за градба по секоја цена и на секој инвеститор.
Затоа и урбанистичките проблеми само се напластуваат, од напукнати потпорни ѕидови на Водно до самата Детска клиника во Козле, па сè до неодамнешното свлечиште во центарот на Скопје кога пропадна дел од тротоар и околната инфраструктура.
„Од градежно-инвеститорските достигнувања во Скопје ја имаме оваа вест. Тенка е границата меѓу растот и пропаѓањето кога владее дивеење, безвластие, недостаток на инспекции и неспроведување закони и регулативи“, посочија од советничката листа „Шанса за Центар“.
За среќа, во овие инциденти немаше човечки жртви, за разлика од неодамнешните случаи на смрт на работник кој беше потрупан со земја на градилиште во општина Кисела Вода, а уште тројца работници беа повредени.
Општините во служба на инвеститорите
Истите циклуси за жал се повторуваат. Во кампања, кандидатите за градоначалници и советници ќе ветуваат справување со урбанистичките проблеми, за потоа „магично“ да се одобрат сите проекти, секоја слободна површина да се претвори во зграда или комерцијален објект, а притоа стандардите за безбедност и заштита при работа се во сериозна криза за што говори и извештајот на Здружението за заштита при работа.
Според извештајот на МЗЗПР, лани во Македонија се случиле 132 несреќи при работа, од кои 31 се со смртен исход. Градежништвото е на второто место најопасни професии во Македонија според бројот на несреќи и смртни случаи на работно место, покажуваат податоците на МЗЗПР.
Недоволното обезбедување на околните згради и објекти води до оштетување на имотот на жителите во непосредна близина, а се уништува и јавна инфраструктура.
Не постои „црна книга“ на градежни компании кои ги прекршиле стандардите, ниту пак забрани за вршење дејност на инвеститорите кои може да „поместат и планини“, често и спротивно на јавниот револт и несогласување на локалното население, но нивните „проекти“ не може да трпат.
Но, кога е во прашање урбаното зеленило, јавните површини за граѓаните, пристапот до здравствени, образовни, културни и спортски институции и објекти, тогаш сите се прават ненадлежни и замачкуваат очи со исполнување на минималните законски услови за покривање на просторот со некое дрвце и цвеќенце. Буквално низ Скопје има згради кои се покриени со вештачки пластични зеленила, колку да изгледаат „шик“ и дека инвеститорите, ете се грижат за градското зеленило.
Само урбано
По последниот градежен инцидент, градоначалникот Горан Герасимовски најави дека од Општина Центар „се изречени најстроги законски казни и санкции кон инвеститорот за непочитување на обврските и предизвикување штета врз јавната инфраструктура“.
„Поставени се сигурносни појаси и предупредувачки ленти со цел заштита на граѓаните и безбедно движење во непосредна близина на оштетениот простор. Општина Центар нема да толерира несовесно и неодговорно постапување од страна на инвеститори, особено кога се загрозува безбедноста на граѓаните и се оштетува јавниот простор. За секое прекршување ќе следуваат ригорозни мерки согласно законските надлежности“, тврдат од општината.
Сепак, одговорноста за урбанизмот, за спречување на спуштањето на стандардите на инвеститорите и фирмите кои ги ангажираат за проектирање, изведба и надзор над проектите, и водењето сметка за јавниот и заеднички интерес, мора да бидат на многу повисоко ниво.
Изговорот дека општините „живеат“ од комуналии треба да се тргне настрана, и да се земат во предвид и потребите на граѓаните, тие кои исто така ги полнат буџетските каси, на локално и централно ниво, а не само приватните интереси и бизниси на инвеститорите.
Х.С.