Каква е улогата на „Иново Брокер“ во битката за Фершпед меѓу Штерјо и Кираца?
Брокерската куќа „Иново брокер“ не само што доби забрана за вршење на сите услуги со хартии од вредност во траење од 30 дена, туку Комисијата за хартии од вредност трајно му ја одзема согласноста за директор на лицето Велимир Шиповиќ, кој досега беше на директорската позиција во брокерската куќа. Од Комисијата за хартии од вредност за Фактор изјавија, дека ваквите санкции се изречени поради непочитување на правилата за тргување на Македонската берза и на Законот за хартии од вредност, а поврзано со издавање налози за продавање на акции од шпедитерската компанија “Фершпед”.
- Оваа санкција, КХВ ја изрече поради:
Непочитување на Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, и на Законот за хартии од вредност, поради изготвување налози за продавање на акции издадени од Фершпед АД Скопје во блок трансакција за вкупно 34 клиенти, во периодот од 24.12.2013 година до 25.12.2013 година, врз основа на изготвени договори за купопродажба на акции, кои се потпишани само од едната страна-продавачите и во кои не е познат купувачот и непочитување на Правилата за работа на Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје и на Законот за хартии од вредност, поради извршени резервации на акции издадени од Фершпед АД Скопје за 81 акционер од кои нема примено налози за продавање, односно за 81 акционер за кои нема евидентирано налози за продавање во книгата на налози, во периодот од 01.12.2013 година до 26.12.2013 година, се вели во образложението од Комисијата за хартии од вредност.Што се случуваше во Фершпед? Уште во периодот кога во Фершпед се водеа битки за превласт меѓу двајцата најголеми акционери во компанијата Штерјо Наков и Кираца Трајковска, во брокерските кругови се коментираше дека преку оваа брокерска куќа дел од акционерите поптпишувале бланко договори за продажба на акции од Фершпед за непознат купувач. Тогаш добро упатени извори коментираа дека еден од двајцата ривали во Фершпед, токму во оваа брокерска куќа ги повикал дел од акционерите нудејќи им огромни суми на пари за една акција над 300.000 денари, доколку ги продадат акциите. Ветувањата од брокерската куќа кои им се нуделе на акционерите биле дека купувачот е најден, пакетот од 2.500 акции е собран, а во меѓувреме акционерите да потпишат бланко договори и дека парите од купувачот ќе легнат во секој момент и ќе им се купат акциите. Манипулација со акционери Упатените во оваа област коментираат дека се работи за класично заведување и манипулирање со акционерите, при што нивните акции се врзуваат со договори за наводно потенцијален купувач кој би исплатил огромни суми за една акција, а со тоа обезбедувајќи неликвидност на цената на акцијата на пазарот. Во тој период додека траеа превирањата меѓу ривалите во Фершпед, како што растеа тензиите, така на берзата растеше и цената на акциите. Двата спротиставени табори на свој начин се обидуваа да добијат контрола врз што е можно повеќе акции од помалите акционери. Според сознанијата кои тогаш кружеа во јавноста, таборот на Наков барал полномоштво врз акциите на вработените. Другиот табор, кој се врзуваше за Трајковска пак според шпекулациите нудел опција да ги откупи акциите на помалите акционери. Во битката за превласт една акција кон крајот на месец декември лани достигнуваше и цена од 5.800 евра. Јагмата за акциите беше поради очекувањата за сопственичко окрупнување во пресрет на акционерското собрание кое се одржа на 10-ти јануари годинава. Но кога цената достигна кулминација, ден потоа почна да паѓа, и кон крајот на месец декември лани цената на една акција беше 2.850 евра. Падот на цената на акциите се случи веднаш откако еден од мнозинските акционери Трајковска, соопшти дека своите 10,63% акции ги дала како влог во фирмата „Консалтинг инвестментс син ДООЕЛ“ Скопје, потенцирајќи дека е еден од основачите на консалтингот и дека не си оди од Фершпед. Тогаш од Македонската берза и од Комисијата за хартии од вредност изјавија дека постојано се следат случувањата со акциите на Фершпед. - Комисијата за хартии од вредност ја следи состојбата со акциите на Фершпед. Правилата за тргување се прашање на Македонската берза. Во тек е контрола и се додека не заврши, не можеме да објавуваме детали, изјавија на 27-ми декември минатаат година од КХВ. Слично беше соопштението и од Македонска берза. - Македонската берза ги следи случувањата со тргувањето на акциите на Фершпед. Вчерашните соопштенија на Фершпед се во согласност се законска обврска на друштвото. Берзата нема увид во тоа кој тргува , бидејќи тргувањето е неперсонално, објаснија на 27-ми декември лани од Македонската берза. Поситните акционери кои очекуваа дека цената акциите пред одржувањето на акционерското собрание ќе расте, извисија, а во првиот работен ден јануари годинава немаше истргувано ниту една акција на “Фершпед”. По завршувањето на акционерското Собрание, Штерјо Наков го задржа доминантното место во Надзорниот Одбор на Фершпед, мнозинството акционери му изгласаа доверба. Кираца Трајковска беше отповикана од Надзорниот одбор, а на нејзино место беше поставен Љубомир Давидовиќ, кој пак од друга страна беше човекот кој таа го предложи за член во одборот. Ниту еден предлог од адвокатот Венцислав Гушев, кој беше застапник на странскиот фонд “Квест инвестментс”, “Војводинска банка” и Драгослав Димевски, не беше прифатен, поради што тој порача дека независна ревизорска куќа треба да изврши ревизија на работата во најголемата шпедитерска компанија во земјава -Фершпед. Ј.С
Слично
