Битка за Куманово: Градоначалниците ветуваат улици, вработувања, странски инвестиции…
Уредување на центарот, решавање на социјалните проблеми, отварање нови работни места, се само дел од ветувањата што пред граѓаните ги дадоа денеска кандидатите за иден градоначалник на Куманово. Покрај останатаото, десетината кандидати денеска потпишаа и Кодекс на однесување за слободни и фер локални избори.
Ѓорѓиевски: Куманово ќе добие нов изглед на централното подрачје
Пешачка зона во централното градско подрачје, нови фасади, паркиралишта и економски развој, вети кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“, Зоран Ѓорѓиевски, кој денеска заедно со кандидатите за советници се сретна со Кумановци.„Куманово нема препознатливо централно подрачје како што имаат другите градови. Затоа, планираме да го решиме главното градско јадро, со уредување пешачка зона на улицата „Илинденска“, која ќе биде затворена за сообраќај. Исто така, ќе ги обновиме фасадите во автентичен стил, ќе поставиме клупи и целиот простор ќе биде хортикултурно уреден. Шеталиштето ќе биде гордост за Кумановци, рече Ѓорѓиевски кој посочи дека планира и изградба на катна гаража за растеретување на метежот во центарот на градот.
Ѓорѓиевски исто така истакна дека економскиот развој на градот има доминантно место во неговата програма, а најави и голема поддршка за чевларската индустрија.
Дамјановски: Ќе ја засилиме агендата за социјалните донации На редовниот состанок на кумановските стечајци денеска присуствуваше и градоначалникот, Зоран Дамјановски. Тој соопшти дека за март и април, локалната самоуправа нема да ги плати долговите на стечајците за вода и смет, поради предизборниот период. „По завршувањето на изборите ќе ја засилиме агендата за социјалните донации. Јас сум оптимист дека овие избори ќе бидат пресврт на политичката сцена во Македонија, а дефинитивно со предвремени парламентарни избори ќе дојдеме на власт. Прво на што ќе работиме, ќе биде проширување на законот за стечајците и опфат на сите кои го чекаат тоа“, изјави Дамјановски. Тој исто така најави дека очекува победа на изборите по што ќе ја продолжи програма за социјална заштита за стечајците. Божичковиќ: Формирање мултиетнички бизнис центар сo седиште во КумановоУнапредување на потребните услови за развој на мирко бизниси и формирање мултиетнички бизнис центар сo седиште во Куманово, вети кандидатот за градоначалник од Српската Напредна Странка (СНС),Предраг Божичковиќ, кој според него треба да помогне за развој на малите и средни претпријатија.
„Мултиетничкиот бизнис центар ќе биде лоциран во Куманово, заради одличната местоположба, бидејќи тука се вкрстуваат двата коридора. Ние ќе создадее услови и ќе понудиме програма која е достапна за сите, пред се за младите луѓе кои имаат идеи и програми“, истакна Божичковиќ.
Тој најави дека ваквата економска зона ќе биде отворена за сите бизнисмени од земјите од регионот и ќе служи како логистичка поддршка.
Цветковски: Изградба на улици, тротоари, канализација..Независниот кандидат за градоначалник и кандидатите за советници од опцијата „Кога ако не сега“, денеска се сретнаа со жителите од кумановската населба „Перо Чичо“. Тие ветија изградба на неколку главни улици во населбата, нови тротоари и канализација.
„Иако, станува збор за една од најстарите приградски наслеби во Куманово, во одредени делови од населбата потребна е доизградба на неколку улици, поставување тротоари и решавање на проблемот со канализациската мрежа. Ние во нашата програма строго се придржуваме до правилото, асфалт, вода и канал во секој дел од градот“, рече Цветковски.
Цветковски вети и изградба на локални патишта кои ќе ги поврзат двата дела од населбата, како и изградба на пешачки мостови во месноста „Багрем Бања“, нов пензионерски клуб и младински центар.
