БИТКА СО ЖОЛТИЦАТА: Кои предмети се најчесто контаминирани?
Епидемиолозите го вклучуваат алармот. Заразната жолтица зема се поголем замав во Скопје. “Болеста на нечисти раце” има едноставна превенција, но честопати истата не се почитува-велат лекарите. Според нив, со едноставно и често миење на рацете со сапун и чиста вода може да се зголеми заштитата. Но, останува отворено прашањето дали граѓаните ја забораваат оваа хигиенска навика ?
15 Октомври –ден на чисти раце!
Според податоците на УНИЦЕФ, нечистите раце како еден од најчестите извори на зарази се светски проблем . Податоците покажуваат дека околу 280 милиони деца под пет години живеат во семејства кои немаат санитарно-здравствени мерки и услови, цели 90 отсто од сите смртни случаи предизвикани од дијареја се деца под пет години, а дури 88 отсто смртни случаи предизвикани од дијареја се препишуваат на неисправната вода, неадекватни санитарно-здравствени мерки и неадекватна хигиена.
Д-р Лилјана Лазаревска –началник на епидемиолошкото одделение во скопскиот Институт за јавно здравје вели дека редовното миење на рацете со сапун и чиста проточна вода е еден од најдобрите начини да се отстранат бактериите и вирусите, да се избегнат цревните и респираторните заболувања, а воедно и да се спречи ширењето на истите на други лица.Според неа, иако навидум овие препораки звучат наивно, тие сериозно влијаат на здравјето на луѓето. Црните статистики покажуваат дека секоја година близу 3,5 милиони деца во светот не го дочекуваат својот прв роденден, поради дијареја или пневмонија.
“Свеста за опасноста од ширење на заразните болести од нечисти раце зависи од информираноста на населението, која за жал не претставува проблем само кај нас туку и во целиот свет.Најчести „болести на нечисти раце” се цревните инфекции предизвикани од вируси -хепатитис А - заразна жолтица А, детската парализа, вирусната дијареа, потоа бактерии -тифусна треска, дизентерија, и паразити -амебната дизентерија. Особено ранливи возрасни групи се децата кои немаат развиено хигиенски навики, старите лица и лицата сместени во установи. Затоа е важно да се мијат рацете пред, за време и по подготовка на храна, пред јадење, по користење на тоалет, по прочистување на носот, кашлање, кивање, пред и по грижата за некој кој е болен ,пред и по третирањето исеченица или рана, по менување на пелени или чистење на дете кое го користи тоалетот, по допирање на животни, храна за животни, или животински отпад, по ракување со храна за домашни миленици или по негување на домашни миленици”-вели д-р Лилјана Лазаревска.Мобилните, играчките, банкнотите, тастатурите-најчесто контаминирани предмети! Пациентите со цревни и заразни болести редовно ги полнат болниците. Според лекарите подложни на инфекции се и здравствените работници кои имаат двојна одговорност во својата работа за одржување на личната и колективната хигиена, бидејќи најчести причини за појава на болничките инфекции и епидемии се недоволно одржување на хигиената на рацете на медицинскиот персонал.
“Болниот преку фецесот или пак при кашлање и кивање ги контаминира своите раце и предметите во околината и на тој начин е овозможено контактно ширење и тоа најчесто преку загадени предмети како што се рачките на вратите, играчките, тастатурата, мобилните телефони, марамчиња. најважно е да се стекне навиката да не се допираат очите, устата и носот со раце, независно дали тие се чисти или не.Имунизацијата е најдобар начин за превенција против одредени болести, меѓутоа за многу цревни инфекции не постои вакцина или пак не дава 100% заштита, затоа одржување на хигиената на рацете и личната хигиена е многу важна” -потенцира д-р Лазаревска. За чисти раце, додава, потребни се неколку едноставни и ефикасни чекори кои траат околу една минута. Лекарите на шега ги советуваат своите пациенти дека најдобар тајмер за правилно миење на рацете е да ја испеат својата омилена песна.
“Иако за некого звучи смешно препораките и советите на лекарите се сериозни. Пациентите сваќаат дека нивното здравје е ставено во прашање кога ќе завршат во болница, а тогаш и опасноста и лекувањето е долготрајно и двојно поскапо. Рацете треба да се навлажнат со чиста ладна или топла вода, да се стави сапун, да се направи пена и со пената од сапунот да се протријат 20 секунди, да се исплакнат под чиста вода и да се исушат со чиста крпа или воздух. Сите овие чекори траат 45-60 секунди. Mиењето на рацете со сапун е една од најефективни и најисплативи мерки на превенција од дијареја и од воспаление на белите дробови”-додава д-р Лилјана Лазаревска.Денеска повеќе од седумдесет земји во светот го одбележуваат денот на чисти раце. Според ОН главната цел е развој на културата на миење раце со сапун на глобално и локално ниво. Ширењето на оваа навика може значајно да придонесе за постигнување на милениумска цел која подразбира намалување на смртноста кај децата до пет години, која до 2015 година би била помала за две третини. С.Б.
Слично
