Битиќи најави зголемување на платите во образованието по шест месеци
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека за шест месеци ќе се дефинира усогласувањето на платите откако ќе заврши периодот на дијалог и преговори, вклучувајќи го тука и образованието.
- Имаме период од шест месеци, решенијата се на маса и тоа ќе се направи преку преговори, рече Битиќи на денешниот панел што се одржа во рамки на форумот организиран по повод 100 дена од мандатот на новата Влада.
Тој додаде дека веќе од Владата е донесена одлука периодот на усогласување да биде шест месеци.
- За жал, некои тоа го искористија за лошо и пред да започнеме дијалог за усогласување на платите во целиот јавен сектор, влегоа во активности коишто ги гледавме деновиве како што беше штрајкот во образованието, рече Битиќи.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вчера по итниот состанок на Советот на СОНК, на прес конференција соопшти дека штрајкот на вработените во образованието го ставаат во мирување.
„Од денеска генералниот штрајк се става во мирување. Ова е само почитување на законот“, истакна Неделков, истовремено нагласувајќи дека ако нема решение, штрајкот повторно ќе стане активен.
