Економија, финансии, бизнис

Контакт

Битиќи: Мицкоски се фали со раст на БДП од 3,1 отсто, ама не кажува дека инфлацијата е 5,7 проценти

Битиќи: Мицкоски се фали со раст на БДП од 3,1 отсто, ама не кажува дека инфлацијата е 5,7 проценти

Фатмир Битиќи од СДСм реагира на вчерашната прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски со коментар дека бруто домашниот производ квартално пораснал за 3,1 отсто, но дека и инфлацијата за истиот период се зголемила за 5,7 проценти.
„Ако БДП расте 3,1%, а инфлацијата е 5,7%, тогаш цените растат побрзо од економијата. Во реалноста, граѓаните трошат повеќе пари, а дома носат помалку производи.

Да ја извадиме економијата од владиниот прес-центар и да ја сместиме таму каде што ѝ е местото - на пазар и во маркет. А таму со 1.000 денари може да се купат 2 килограми цреши по 140 денари, 1,5 килограм праски по 95 денари, 1,5 килограм кајсии по 130 денари, една табла од 30 јајца за 275 денари и само 150 грама пилешки стек. Значи, една илјадарка едвај покрива неколку килограми сезонско овошје, една табла јајца и мало парче месо.

Владата може да слави проценти, но граѓаните секој ден бројат денари.

Почитувани,

Премиерот зборува за раст, но не зборува дека храната и безалкохолните пијалаци се поскапени за околу 8% на годишно ниво. Не зборува дека инфлацијата во Македонија е 5,7%, додека во Европската Унија е 3,2%, а во еврозоната 3%. Што значи дека нашите граѓани се под посилен ценовен притисок од европските граѓани.

Премиерот зборува и за индустриско производство. Да, во април има раст од 7,6%. Но, во јануари индустриското производство беше намалено за 6,6%, во февруари за 4,2%, а за првите четири месеци од годината растот е само 0,2%. Ова повеќе личи на стагнација отколку на индустриски подем.

Уште посериозно, бројот на работниците во индустријата во април е намален за 2,3%, а во првите четири месеци за 3%. Не може да се прогласува индустриски успех додека индустријата губи работници“, вели Битиќи.

Пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања истакна и дека прикажаниот раст на градежништвото како сектор кој го предводи растот на БДП-то не е реален.

„Градежништвото расте за 7,2%, но и тука приказната има друга страна. Цените на становите во Скопје во првиот квартал се повисоки за 16,7% на годишно ниво. Ако градежништвото расте, а домот станува сè понедостапен, тогаш растот на БДП не носи сигурност и достоинство.

Бруто-инвестициите растат само 1,8%, што е доказ дека не може да се зборува за структурен економски успех кој ќе создаде одржлива додадена вредност за животниот стандард.

Дополнително, странските директни инвестиции паднаа од 269,9 милиони евра во последниот квартал на 2025 година на 218,6 милиони евра во првиот квартал на 2026 година. Економскиот „успех“ што го слави премиерот во истиот квартал изгуби 51,3 милиони евра странски инвестиции.

И овде се разоткрива уште една димензија која Владата се обидува да ја сокрие - јавниот долг и финансирањето на ликвидноста. Кога растот на БДП се потпира на потрошувачка, а државата паралелно се задолжува за да ја одржува ликвидноста, станува збор за вештачко одржување на економската активност со пари што ќе ги враќаат граѓаните. Јавниот долг со новото задолжување од 260 милиони евра се приближува до 11,1 милијарди евра. Имаме економски модел во кој Владата се обидува денес да добие политичка корист, за која граѓаните утре ќе ја платат цената“, додава тој.


Слично

Поврзани вести