Битиќи: Ќе објавиме список на компании со нереален скок на цените
Владата ќе ги објави сите компании кои направиле вештачки скок на цените, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. За тоа се чека извештајот што ќе го направат инспекциските служби.
– Дека има вртоглаво и вештачко зголемување на цените, кажав и минатата недела. Еве, два примера зошто го тврдев тоа. За само два дена, маржата на добивка кај тестенина од еден производител, пораснала од четири проценти на 31 мај на 72,5 проценти т.е. граѓаните плаќаат 65 проценти повисока маржа на добивка за тестенина од еден производител, рече вицепремиерот денеска при посета на фабриката „Таб мак“ во Пробиштип.
Битиќи минатата недела рече дека со завршувањето на антикризните мерки за основните пропизводи, голем број на фирми манипулативно и неетички ги зголемиле цените во однос многу поголем од трошоците. Од Државниот пазарен инспекторат пак рекоа дека цените се формираат на слободниот пазар и во моментов не постојат прописни ограничувања.
