Бислимовски: Обновливи извори се ок, но потребни се инвестиции во базна енергија
Во просек, секој ден по скоро еден нов MW во последните четири години е вклучен на електроенергетскиот систем, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Заклучно со октомври (2022 година – октомври 2025 година) во Македонија се изградени нови капацитети кои произведуваат електрична енергија од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 1 200 MW, рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски на Регионалната конференција за зелена трансформација на Западен Балкан што се одржа во Тирана, Албанија.
-Производството на електрична енергија од сонце е реалност – Елдорадото на фотоволтаични централи ја најави енергетската транзиција што, пак, отвори процес на трансформација на електроенергетскиот сектор. Бројките се охрабрувачки, но периодот кој е пред нас е полн со предизвици, а еден од нив е и балансирање на системот кога е во прашање електричната енергија произведена од обновливи извори. Мораме во оваа фаза да делуваме и поттикнуваме инвестиции во енергетски капацитети кои ќе произведуваат базна енергија. Секако и употребата на батериите има своја улога, но неопходно е да е реализираат инвестиции со кои ќе се замени производството на струја од јаглен со гас или биомаса, истакна Бислимоски.
