Бислимовски: Договорот на ЕУ за гасот позитивно ќе се одрази за нас
Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, го оцени како позитивен за нашите домашни околности, договорот до кој во понеделникот дојдоа министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ за воведување плафон на цената на природниот гас.
До долгоочекуваниот договор дојде оо неколку месеци преговори, а за Бислимоски одлуката е позитивна и вели дека е добар сигнал, јави дописничката на МИА од Атина.
Според решението, механизмот за ограничување на цената на гасот ќе се активира кога цената ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот гас за период од три последователни дена.
– Се надевам дека ќе влијае, имајќи предвид дека и во државата веќе цената за природниот гас ни зависи од цената на ТТФ берзата во Холандија, во најголем дел, 70-ина проценти, а 30 проценти е од нафтениот индекс. Значи, очекуваме дека со поставувањето на овој „price cap“ кој што ќе видиме како функционира и како ќе се имплементира, дека ќе има позитивно влијание кај нас од аспект на намалување на цената на природниот гас, вели Бислимоски.
Бислимовски зеде учество на состанокот на 53-от Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржа во Атина, на кој се водела дискусија и за конкретната одлука.
– Од она што го слушнавме од нашиот колега од АЦЕР е дека тоа е еден посложен механизам и на нив им треба анализа за да видат конкретно како тоа би влијаело на крајната цена која што ја плаќаат потрошувачите, но сметам дека е добар сигнал, имајќи предвид дека и минатата недела и оваа недела цената на природниот гас на ТТФ берзата е намалена за околу 15-20 проценти, па да видиме дали тој тренд ќе продолжи и во јануари со цел да имаме малку од малку порелаксирана ситуација, додаде тој.
