Бислимоски: Нема да дозволам да се валка моето име
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски вели дека ќе го следи процесот и нема да дозволи да му го извалкаат името, откако Управата за финансиска полиција му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувања.
„Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, нагласи Бислимоски.
Финансиската полиција го товари дека иако бил законски обврзан, тој не и ја одземал лиценцата за работа на компанијата „Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје“, која не ги исполнувала условите за вршење енергетска дејност.
Бислимоски тврди дека сите постапки се водени според закон и на истиот начин за оваа и за сите останати компании не само во делот за нафтени деривати туку и во секторот за електрична енергија.
Претседателот на РКЕ на прес-конференција убедуваше дека не постоел повластен статус за ниту една компанија и постапките при одземање на лиценци се утврдувани од, како што рече, сериозен тим од Регулаторната комисија за енергетика.
„Во истиот период кога се води постапката за одземање на лиценцата на таа компанија што се споменува, и за други компании се води буквално истата постапка. Некои завршија со одземање на лиценца, а некои компании кои што во текот на постапката докажаа дека не ги исполнуваат критериумите за одземање на лиценца, лиценцата не им беше одземена… Апсолутно се применувани пропишаните рокови и процедури, во понатамошен период апсолутно тоа и ќе се докаже дека е така“, рече Бислимоски.
