Бесими: Нема да се зголеми акцизата на дизелот, туку ќе се воведува еколошка такса за горива што загадуваат
Фатмир Бесими, министерот за финансии, на денешната прес-конференција со Светска банка не сакаше конкретно да одговори дали со Ребалансот на буџетот, кој е усвоен од Владата но допрва треба да биде разгледуван во Собранието, ќе поскапи дизелот за 4 денари по литар, но најави воведување на еколошка такса.
- Владата се уште нема донесено таква одлука, но во интерес на јавноста, се прават сеопфатни анализи во поглед на еколошката агенда за зелена транзиција и инвестирање во обновливи извори на енергија и создавање на еколошки фонд на ниво на Влада за зелен развој. Не се работи за зголемување на акцизата, туку за зголемување на еколошка такса, во која ќе бидат опфатени нафтените деривати, за што се уште нема одлука на Владата, рече Бесими.
Тој најави дека по завршените анализи ќе се направат консултации со стопанските комори и другите чинители. Инаку, засега медиумските информации и оние од опозицијата говорат дека е предвидено од 1-ви јули надоместокот на дизeлот од сегашните 0,03 денари да се зголеми на 3,5 денари по литар. Со оваа давачка, за половина година предвидено е да се соберат дополнителни 27 милиони евра.
Бесими исто така не потврди дали ДДВ-то на сметките за електрична енергија ќе се намалува од 18 на 5 отсто, иако медиуми веќе информираат дека тоа е предвидено во Ребалансот.
- Со оглед на тоа што во тек е либерализација на пазарот на светско ниво, ние ги следиме барањата на граѓаните, но за оваа работа се уште нема одлука на Влада.Ќе се прават прво анализи и консултации, наведе министерот.
Во време кога енергетските компании бараат поскапување на струјата, Владата со намаленото ДДВ во сметките за електрична енергија, планира да го амортизира ударот врз граѓаните. Дел од енергетските експерти, како и опозицијата бара државата привремено да го намали овој данок.
