Економија, финансии, бизнис

Контакт

БИШЕВ ЗА ФАКТОР: Следува неизвесна година, за македонската економија каматите и инфлацијата се предизвик

БИШЕВ ЗА ФАКТОР: Следува неизвесна година, за македонската економија каматите и инфлацијата се предизвик

Многу предизвици успеавме да надминеме, уште многу се пред нас. Какви се очекувањата за 2022 година на едни од најуспешните луѓе во земјава, прашуваме во деновите кога истекува 2021 година. Глигор Бишев е Генерален директор и претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка.  Вели, 2022 е неизвесна и несигурна, а голем предизвик за македонската економија ќе биде процесот на раст на каматните стапки на глобално ниво. 

Илјадници промени што се случија во текот на пандемијата ќе го променат начинот на кој работите се дизајнираат, се комуницираат, се произведуваат и продаваат. Покрај тоа, геополитичките тензии помеѓу Кина и Западниот свет влијаат врз редизајнирањето на светската економија. Исто така, растечкиот притисок врз компаниите да ја намалат емисијата на карбон диоксид, отвора процес на долгорочни структурни промени.

Сето тоа, ја прави 2022 година, неизвесна и несигурна.

Пандемијата доведе до висока задолженост на приватниот и јавниот сектор, пореметување на ланците на снабдување, влошување на билансите на компаниите, промена на начинот на работа. Потребата од енормна фискална интервенција и лабава монетарна политика особено во врвот на пандемијата, произведоа тројни ефекти: спасување на производството и човечките ресурси, висок јавен и приватен долг што во најголемиот број на земји надминува над 100 проценти од БДП и инфлаторни притисоци кои носителите на економските политики сметаат дека ќе бидат од транзиторен карактер.

Затварањето на економиите и ограниченото движење, предизвика пореметување во движењето на стоките и услугите во рамките на производствените ланци и непредвидивост на времетраењето на транспортот. Тоа створи намалена понуда на стоки и услуги во однос на побарувачката. Излез од таквата состојба е зголемувањето на цените. Меѓутоа, пореметените ланци на снабдување, генерираа помало производство и продажба и помала добивка а кај голем број на компании и загуби во нивните биланси. Особено погодени се компаниите од угостителството и туризмот, транспортните компании, производителите на автомобили, компјутери и ИТ опрема, и сите индустрии во кои се вградуваaт чипови. Тоа ги прави компаниите несолвентни, презадолжени, што бара долгорочни мерки на нивна консолидација и заздравување.

Така, пандемијата промени се. Редизајнирање на веригите на производство и нивно префрлање од прекуокеанските дестинации во блиското соседство. Тоа го прави Балканот и Република Северна Македонија, исклучително атрактивни за странските инвеститори. Исто така, се променија релациите во рамките на производните вериги, од производител - снабдевач, релациите се трансформираат во производител – партнер. Пазарите се сменија, од пазар на купувачите, кон пазар на продавачите. Исто така, за да се одржува каков таков, континуитет во производството, производствените залихи енормно се зголемија. Тоа исто така ги поскапува трошоците на производство.

Иако се тоа лоши вести за годината што доаѓа, тие отвараат големи шанси за Македонската економија. Прво, македонската економија не е значително задолжена. Долгот на приватниот сектор изнесува околу 53 проценти од БДП, а само долгот на компаниите изнесува околу 25 проценти од БДП, и околу 52 проценти од БДП долгот на јавниот сектор. Тоа е половина од светскиот просек. Кредитниот раст може да се користи за динамизирање на растот и нови вложувања. Добра вест е што банкарскиот сектор е стабилен и има висока капитална сила и капацитет за кредитирање. Соодносот на кредити во однос на депозитите изнесува 78 проценти. Втора предност е што мултинационалните компании се свртуваат кон снабдувачи од регионот.

Клучен ќе биде изборот на проектите. Да се изберат проекти со највисока додадена вредност, што во себе вклучуваат што е можно поголем синџир на домашни компании. Тоа ќе придонесе за севкупен раст на продуктивноста, технолошки иновации и автоматизација на пороцесите.

Голем предизвик за македонската економија ќе биде растот на каматните стапки што ќе отпочне на глобално ниво и прифаќањето на светската инфлација преку растот на цените на стоките и услугите што се увезуваат. Инфлацијата не смее дополнително да се зголеми преку додавање на домашни генератори на инфлација, преку зголемување на платите над нивото на додадената вредност на трудот – порастот на номиналната продуктивност. На тој план, ќе треба да се изгради консензус помеѓу синдикатот, работодавачите и носителите на политиките.

Проф. Д-р Глигор Бишев



Слично

Поврзани вести