Економија, финансии, бизнис

Контакт

БИЛО „ЕКСТЕРНО“ ИЛИ „ДРЖАВЕН ИСПИТ“: Студентите ја отфрлија и новата иницијатива на Министерот Адеми!

БИЛО „ЕКСТЕРНО“ ИЛИ „ДРЖАВЕН ИСПИТ“: Студентите ја отфрлија и новата иницијатива на Министерот Адеми!
Пет дена по студентскиот марш против идејата за воведување на државни испити за студентите во втора и четврта година од студиите и скоро два месеци по објавата на надлежните дека ќе воведат тестирање налик на екстерното,  сеуште во јавноста  е нејасно каков модел на надворешна евалуација ќе воведат и кој ја  осмислил оваа идеја? Според студентите очигледно е дека се создава  терминолошка конфузија, но  тоа е единствено последица на несериозниот пристап на институциите од самиот почеток. “Ако тргнеме од претпоставка дека екстерно значи исто што и  надворешно тестирање, тоа  е веќе предвидено во Законот за високо образование, во членот 113, кој предвидува дека најмалку 1/4 од вкупниот број на ЕКТС на студиската програма се оценува од внатрешен и од надворешен оценувач. Надворешното оценување го вршат надворешни оценувачи определени од страна на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование. Оваа одредба е воведена со измените на Законот од 2011 и се уште не е стапена на сила. Овој тип на надворешно оценување очигледно дека не е истата мерка која ја најавува МОН”-вели Марија Мирчевска –член на Студентскиот пленум. Државниот испит според неа,  како концепт  постои за одредени професии кои се законски регулирани затоа што како такви се од интерес на државата и таа ги контролира процесите на издавање на лиценци или дозволи за работа, како јавни дејности вршени од приватни лица. Предвидената мерка, вели  не ги задоволува овие критериуми за да биде наречена државен испит во оваа смисла. “Како и да е, надлежните институции треба да бидат оние кои ќе понудат јасна дефиниција на своите предложени мерки. Се најдовме во ситуација студените да бидат оние кои ќе нудат разумно толкување на очигледно лошо осмислена мерка, која неколкупати подложи на промена без вистинска стручна анализа” -додава Мирчевска. За потсетување: Првично идејата беше пласирана  од ресорното министерство. Иако неколкупати во јавноста министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми потенцираше дека евентуалната нова реформа не е екстерно тестирање, туку сеуште нејасен модел кој допрва треба да се разгледува и донесе, по претходна средба зад затворени врати со претставници на Студентскиот Парламент, министерот седна  на дебата насловена ”Екстерното тестирање на студентите, предизвиците  и можностите?”. Со ова конфузијата стана уште поголема дали екстерното тестирање е или не она што се најавува како идна реформа за подобар квалитет во високото образование?  Па така, незнаејќи како да го објаснат истото и да ја смират веќе активната студентска маса,  екстерното оценување стана само фигуративен термин без конкретно објаснување што подразбира овој концепт. Дебатата беше  организирана од невладината SN7, на која министерот им посочи на студентите дека  не треба на истата   да се поставуваат  прашања туку да се дебатира, за потоа да го повтори веќе познатиот став дека идејата е да се подобри квалитетот и да им се стави крај на вечните студенти.  МОН досега  нема организирано ниту  една јавна дискусија на тема “екстерно”. Веднаш потоа пред платото на кампусот факултети од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  студентите се собраа за да побараат од Сенатот на УКИМ поддршка против екстерното. Со пароли и транспаренти “Образованието е право, а не привилегија”, побараа Ректоратот да го стави ова прашањже на дневен ред на Сенатот. Но од таму добија само одговор дека се чека на предлог во писмена форма,  за кој дополнително ќе се дебатира со сите засегнати страни. Студентите по претходни средби, организирани во Студентски Пленум, незадоволни од предлогот за воведување екстерно,  меѓународниот ден на студентот го одбележаа со масовен студентски марш за поттикнување на студентскиот активизам, и обединување на студентите против идејата за  реформа во високото образование, која ќе предвидува  надворешна проверка на знаењето на студентите. Одбраната на студентските права според нив, не беше  само потреба туку и обврска на секој студент, бидејќи како што потенцираа, тие не се пасивизирана маса чија единствена цел е да стигнат до диплома, туку да бидат разбрани како активни чинители на едно општество. Еден ден по масовните протестите во понеделникот,  се огласи и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов,  според кој реакцијата на студентите  е да се најде начин за  водење дијалог, додавајќи дека е потребно е да се слушне гласот на студентите и да се разговара за нивните сознанија и ставови. Екстерно или не,  студентите се против новата идеја! Иако самиот министер ја најави идејата за голема реформа со која ќе се проверува знаењето на студентите и ќе се подобрува квалитетот во високото образование, сега се бара виновникот кој сака да ја манипулира јавноста и студентите? Според студентите во   целата ситуација наречена “екстерно тестирање” се добива впечаток дека се карикира со термини, а мерката како неосмислена идеја до крај се менува откако ќе наиде на критики. Од Студентскиот пленум реагираа  и на изјавата на премиерот Никола  Груевски кој во одбрана на  идејата за дополнителна проверка рече дека “постојат шпекулации дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит“, а всушност според нив,  самиот министер за образование Адеми излезе со информациите дека екстерното тестирање т.е. државниот испит – кој според студентите,  владините службеници ги употребуваат овие два термина наизменично,  ќе биде дисквалификациско. “До сега во секоја изјава како одговор на нашите барања се велеше дека за секоја натамошна акција во однос на екстерното тестирање ќе бидат консултирани универзитетите како и ние студентите. Сепак, премиерот излезе со нов модел на новото  тестирање без воопшто да се консултира со било која од горенаведените инстанци. Затоа овој предлог повторно го сметаме за нелегитимен. Пленумот повторно сака да посочи дека уште нема никакви анализи каде потфрла квалитетот во високото образование и како државниот испит е најефикасниот начин за негово решавање. За нас е уште нејасно зошто дебатираме за постоечките механизми за контрола на квалитет и како нив да ги направиме поефикасни и функционални, туку и понатаму да се инсистира на ваквата мерка”-порачаа од Студентскиот пленум. Дебата околу реформите во високото образование, според  студентите е неопходна, но таа велат не може да биде околу екстерното тестирање. Од идеја до нацрт верзија! Дали тајната е во парите?! Идејата за воведување на  државни испити за студентите  со кои ќе се направи дополнителна проверка на знаењето и квалитетот  доби и нацрт верзија. Наместо првично најавениот рестриктивен пристап за прекин на студиите кои ги најави министерот за образование Адеми, новиот предлог според надлежните ќе важи само за идните бруцоши и тие ќе полагаат се додека не добијат преодна оценка. Студиите ќе траат се додека студентот е спремен да плаќа за секое паѓање на државниот испит. Според ресорниот министер ова треба да го подобри квалитетот во високото образование, а за нови предлози ги повика на средба и студентите кои побараа повлекување на идејата. Целта според одговорните е  зголемување на квалитетот без да  се загрози автономијата на универзитетите и  болоњскиот систем.  Предлог законот за високо образование според првичните најави  требаше да го  подготвува посебно работно тело, за веќе со новите најави таа обврска треба  да му припадне на Одборот за акредитација. Но и покрај новиот предлог кој дојде неколку дена по студентскиот марш, студентите и натаму се против екстерното тестирање. Од Студентскиот Пленум потенцираа дека независно кој модел ќе се избира повторно ќе се загрози автономијата на универзитетот. Не ја исклучуваат можноста за нов протест. Тие остануваат децидни во ставот за повлекување на идејата и покрај тоа што според новиот предлог ова решение нема да важи за сегашните студенти. Надлежните си дадоа рок до средината на декември да обелоденат каков модел на проверка ќе спроведат во високото обраозование. Дотогаш најавија поширока дебата во која ќе ги вклучат и студентите и академската јавност.  
Слично

Поврзани вести