Билјана Димковска: И порачуваме на Владата да ги истражи другите образовни системи и да бара нов модел за јакнење на образовниот систем!
Неповолни техничко материјални услови во градинките, училиштата, факултетите. Отсуство на опремени кабинети, лаборатории, институти, библиотеки. Компјутери кои не можат да се одржуваат заради отсуство од стручни лица и финансиски средства, неплатени сметки за струја, студени предавални, неповолни услови во студентски домови. Обременети наставни планови и програми кои го оптоваруваат секојдневието на учениците, наставниците, родителите. Процес на децентрализација заглавен во политички лавиринти. Лошо осмислен начин на екстерно проверување на знаењата на учениците со импликации врз успехот на учениците. Отсуство од акредитирани програми за обука и професионален развој на наставнот кадар, имплементирање туѓи искуства кои не се во согласност со нашите национални, традиционални и културни вредности. Ова се само дел од проблемите во образовниот процес за кои говори Билјана Димковска –член на Наставничкиот пленум, која за Фактор вели дека состојбата во образованието, на сите нивоа, од предучилишно, основно, средно и високо е на “точка на вриење”, но “луѓето во лошо се обединуваат” за подобри решенија!
Фактор: Каква е моменталната состојба во образованието? Кои се најголемите проблеми?
Б. Димковска: На прашањето кои се најголемите проблеми, можеме да наброиме неколку кои во моментов се чинат приоритетни.
Вреднување на работата на наставниците врз основа на сложен инструментариум (преку точно утврдени индикатори за квалитет на работата на наставникот), а плата според резултатите од екстерно тестирање на крајот од секоја година. Административни обврски кои на наставникот не му оставаат простор да биде наставник. Казни, непознати за ниту еден образовен систем во Европа и светот. Систем на награди, повторно врзан според резултатите од екстерна проверка. Избрзани законски решенија кои дополнително ги комплицираат состојбите во образованието.Кога ќе се повлече линија, остануваат незадоволни наставници, универзитетски професори,средношколци, студенти, родители...
Фактор:Како дојдовте до идеја за формирање на Пленумот?
Б.Димковска:Народната вели „Луѓето во лошо се обединуваат“. Настаните со студентските протести и протестите на универзитетските професори, формирањето на професорскиот пленум, штрајкот на просветните работници во основното и средно образование, но пред сé игнорантскиот однос на Владата (МОН) и начинот на известување од страна на медиумите, беа причина да го создадеме наставничкиот пленум преку кој ќе можеме јавно да го искажеме нашето незадоволство од новите законски решенија, но истовремено, формирањето на пленумот беше поддршка на нашето синдикално раководство. Пленумот беше формиран пред една седмица, денес брои близу четиристотини членови, а секојдневно се приклучуваат нови членови. Преку ова тело имаме можност да изнесуваме ставови, разменуваме информации, да правиме анализи и да предлагаме конкретни решенија по одделни прашања поврзани со нашите барања заради кои влеговме во штрајк. Пленумот ја зајакнува нашата позиција како активни учесници во креирање на образовните политики во иднина. Искуството од училишната пракса, проблемите со кои се соочуваме секојдневно, последиците од „несреќни изуми“ кои ги чувствуваме, сето тоа придонесе да се обединиме, заедно да дејствуваме и да се бориме со демократски средства за враќање на достоинството на наставничката професија.
Сметам дека сега не треба да се прашуваме дали потпишувањето на спогодбата е вистинската работа или предавство. Сега е особено важно да ги насочиме нашите сили, да ги употребиме нашите знаења, аргументи и практични искуства за да дадеме конструктивни предлози за сите спорни законски одредби кои треба да претрпат измени и во преговорите со претставниците на МОН да излеземе подготвени и единствени.
ТРЕБА ДА СЕ БАРА НОВ МОДЕЛ НА ЈАКНЕЊЕ НА ОБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ
Фактор:Како го оценувате екстерното оценување, имајќи во предвид дека истото и покрај последната одлука за одложување на казните за една година, сепак останува како активен модел на оценување и креирање на казнени политики ?
Б. Димковска:Екстерните проверки се дел од многу образовни системи. Ваквиот модел на проверка е еден од начините да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Овие проверки ги спроведува државата (преку надлежни министерства или испитни центри) или се дел од меѓународни проекти (PISA,TIMSS,PIRLS) и тие се показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини. Резултатите од екстерните проверки служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието.
Македонија за првпат беше дел од меѓународно тестирање во 2000г. во рамки на проектот PISA (Program for International Student Assessment) кој опфаќа ученици на возраст од 15 год. На ова тестирање нашите ученици (од областа на природните науки, математика и оспособеност за читање со разбирање) покажаа слаби резултати. Во 2015 г. повторно нашите ученици ќе бидат дел од вакво екстерно меѓународно тестирање.
Веројатно слабиот успех на нашите ученици беше причина да се воведат националните екстерни тестови како една од можностите за воспоставување на контрола на квалитет во образованието. Во оваа пригода,ќе се осврнам на неколку образовни системи во кои години наназад се спроведуваат екстерни тестови од страна на државата.
САД веќе 20 години имаат искуство со (Output-standards) екстерни тестирања на учениците (Previšiċ,2007:121) и според анализите од американското искуство (Lind,2004, Amrein I Berliner,2002), ваквиот начин на проверка се покажал како неефективен. Најмногу приговори се однесуваат на конструкцијата на тестовите и мерните инструменти, а особено на тоа дека знаењата за стварноста се редуцираат врз мерливи знаења, дека компетенциите се осиромашуваат за оние димензии кои не се објективно мерливи.
Англискиот образовен систем е комбинација од input и output ориентација. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Наставниците укажуваат дека националните тестирања не се доволни за целосно вреднување на постигнувањата на учениците. Честите проверки предизвикуваат стресни ситуации кај учениците. (Whitburn,2000,31, според Previšiċ,2007: 130) Стандардите се насочени кон она што ќе биде тестирано и предизвикуваат „учење за тест“ што сосема ја губи целта заради која постои екстерната проверка.
Во Р. Финска, националното тестирање се однесува само за учениците во последната година од основното образование. Притоа, нивните ученици веќе десетина години наназад се на првите места според резултатите на меѓународните тестирања. Важно за напомена е дека тие континуирано покажуваат одлични резултати не во покажување на знаењата како усвоени факти, туку во решавање на „проблем ситуациите“. Ова укажува на силните напори на сите чинители на образовниот систем да се стави акцент на суштината, не на формата. Кај секој граѓанин во ова општество постои изразена свест за образување и делување во општество засновано на знаење.
Во Р. Словенија екстерното тестирање од страна на државата се спроведува на крајот од првиот, вториот и третиот тригодишен образовен период. Значи на крајот од трето, шесто и девето одделение. Резултатите од тестирањето имаат формативна улога. Тие, главно служат како увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети (а се тестираат мајчин јазик, математика и најчесто странски јазик) и да се креираат образовните политики за средно образование.
И покрај слабите резултати на меѓународните тестирања (PISA-2001,2002,TIMSS-1995), Германија нема спроведувано екстерни тестови на национално ниво, но сите расположиви човечки ресурси ги има екипирано за определување на образовните стандарди со кои ќе се осигурува на квалитет во образовниот систем.Користејќи ги искуствата од Германија и Австрија го јакне образовниот систем со определување стандарди (за сите подрачја) без да воведе национално екстерно тестирање.
Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање на учениците на национално ниво, во Европа и САД, резултатите служат како показатели за одредени слабости или како насоки за креирање нови образовни стратегии за развој на образовните системи. Никаде, одговорно тврдам, НИКАДЕ тие резултати не се показател на работата на наставниците и не се основа за определување на платата на наставниците. Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање има критики токму заради начинот на кој се изработуваат и подготвуваат овие тестови. Системот на награди и казни (осмислен кај нас) заснован врз резултатите од екстерните тестови, е причина повеќе да укажеме дека вака осмислените прашања на екстерните тестирања, се научно погрешни и не можат да бидат мерило и веродостојна проверка на годишната оценка која е резултат на знаења, умеења, способности, вештини, проектни активности, успеси на натпревари, ставови,залагања, особини (одговорност, совесност, чесност, хуманост...).
Изминатите десетина години, имавме обуки со посебна тема:оценување на учениците. Блумовата таксономија (според насоките на советниците од БРО) е одамна вградена во тестовите со кои вршиме интерни проверки на учениците. И замислете, екстерен тест со 30 однапред дадени прашања, со препознавање точен одговор (според Блумова таксономија, за оние што не знаат, тоа е оцена Доволен 2 зашто е на ниво препознавање или репродукција, народски кажано папагалско знаење) и врз основа на резултатите од истиот ученикот добива оценка во свидетелство (која најчесто не е реална) а наставникот добива отстапки од годишната оцена и автоматски реперкусии по неговата плата која ќе се намали за 15% во траење од дванаесет месеци.
На претставниците на Владата ќе им порачаме да ги истражат другите образовни системи и да се уверат дека ваков начин на награди и казни не постои. А ние ќе докажеме дека целата структура на системот на казни и награди, како и системот на професионален и кариерен развој на наставниците е заснован на погрешни основи-врз резултатите од екстерното тестирање. Тоа значи дека треба да се бара нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на почит, уважување, свест, култура, советување, доверба, мотивација, поттик, помош, преиспитување, креирање вредности, истото она на што ги учиме децата – нашата иднина.
КАЗНИТЕ СЕ БЕСМИСЛИЦА
Фактор:Дополнително покрај казните, наставниот кадар се пожали на високи казни, административни обврски,екстерно оценување и сл. Дали како едукатори често се фокусирате прво да ги исполните законските обврски, за да избегнете казни?
Б. Димковска: Инспекциските органи се присутни во образовните системи за да гарантираат квалитет. Правило е дека контролата го зајакнува квалитетот.Државниот просветен инспекторат ја има улогата на гарант за квалитетот во воспитно образовниот систем на Р. Македонија. И тоа е добро. Меѓутоа, изминативе години, таа контрола е зајакната, особено заради воспоставување на редовен систем на контрола на работата на училиштата, наставниците, стручните активи, стручните служби, директорите. Воспоставени се стандарди за квалитет во работата на училиштето и на секои две години, во училиштето се спроведува интегрален увид во целокупната работа. Контролата е насочена кон сите сегменти од работата на училиштата: наставните планови и програми, настава и учење, поддршка на ученици, човечки ресурси, професионално усовршување на наставниот кадар, финансирање, раководење,училишна клима, материјално технички услови, соработка со родители и локална заедница.
Наставникот има бројни задолженија во училишното работење: тој ја планира, организира и реализира наставната програма, води педагошка евиденција и документација, изработува наставни средства и дидактички помагала, подготвува тестови на знаења, прашалници, есејски прашања, писмени задачи, инструменти за следење на постигањата на учениците,бара дополнителна литература, открива корисни линкови,планира и реализира дополнителна и додатна настава, го утврдува степенот на усвоеност на знаења од страна на учениците, следи, проверува, оценува. Води ученичко досие, ги спознава индивидуалните потенцијали на ученикот, го усмерува, води и насочува неговиот развој, ги насочува активностите на ученикот и го поттикнува во остварување на воспитно образовните цели. Партиципира во училишното работење, врши евалуација (за постигањата на учениците), имплементира нови техники и методи во наставата. Планира и реализира средби со родители. Посетува семинари за обука и други видови професионално усовршување, учествува на општински,регионални и државни натпревари, планира и реализира воннаставни активности (општествено корисни и хуманитарни акции), организира и реализира соработка со локална самоуправа, учествува во уредување на кабинети. За сето тоа наставникот мора да води евиденција која уредно ја подредува во своето наставничко портфолио. Доколку наставникот нема доказ дека ги извршил своите задачи според планираното, инспекторот не може соодветно да го вреднува (низ бодови) и наставникот може да биде оценет со послаба оценка. Притоа, наставникот секојдневно во дневникот на паралелка бележи што е реализирано, а истото тоа го внесува и во е-дневник (дома, за да може часот да го одржи според планот). Воведувањето на е-дневник беше најавено како проект во кој по две години ќе се исфрли од употреба пишување во класичниот дневник. Четврта година водиме двојна документација. Ако тематските процесни планирања на месечно ниво содржат триесетина печатени страници во А4 формат и водиме дневни планирања, замислете ја целокупната документација на еден наставник. А од него се очекува да реализира жива и интересна настава, да го оживее часот и со љубов и жар да ја предаде лекцијата. Со оваа администрација, на наставникот навистина многу малку време му останува да се посвети на она што всушност е – учител.
Казните според новите законски решенија се благо речено бесмислица. Но трагикомичноста во целата оваа состојба е што тоа сега за сега е наша реалност. Во секоја европска земја, казните се пропорционални на платите. Кај нас за неводење соодветно евиденција, наставникот може да биде казнет со глоба во износ од 1500 евра. Ви се молам, мојата плата е 21.000 денари. Кажете ми има ли некој кој гледа логика во сето ова?! Во контекст на ова, размислуваат ли владините службеници од ресорните министерства, кој нормален ќе сака да се запише на факултетите кои образуваат наставни кадри и ќе сака да стане наставник? Изминатите две децении образовните политики одеа од една крајност во друга. Акредитирање на факултети, хиперпродукција на кадри, отсуство од анализа на пазарот на трудот, голем број невработени. Во време на формализам, наставникот престанува да ја извршува суштинската работа и се претвора во администратор. На Вашето прашање ќе одговорам потврдно. Да, наставникот денес води целосна документација за да ги избегне казните, многу често на штета на подготовките за жива и интересна настава. А времето е 24 часа во едно деноноќие. Ни минута повеќе.
Фактор:Каде е тука воспитно-образовната дејност, вложување во интерактивност, креативност и реално оценување кога цело време ве претрупуваат со дополнителни обврски? Дали полека се губи авторитетот на професорот како едукатор и пример за учениците, она што во минатото беше редовна практика и начин на градење на културни и морални вредности?
Б. Димковска:Се чини дека наставникот денес, оптоварен со административни обврски, има малку време и енергија за суштинското кое ја чини наставната професија благородна – поучувањето. Интерактивната и креативната настава бараат токму енергија,но и покрај сите обврски, наставникот кој има љубов за својата професија, изнаоѓа сили и кога застанува пред 30 лица кои од него очекуваат „нешто“, тоа е моментот кога заборава дека е изморен и наоѓа сила од часот да направи уметност после која учениците излегуваат од училницата со насмевка. Тоа е она што го прави авторитетен за учениците. Не и за другите. Авторитетот е поврзан со местото на наставникот во општеството. Тој повеќе од две децении е на маргините на општеството. Зошто е тоа така? Пред сé заради отсуство на синдикалено лидерство.Образовен систем кој покажува бројни слабости, амбиент на економска сиромаштија, демократија која сé уште зрее, испревртен систем на вредности, медиуми контролирани од власта.
Сé додека свеста кај одговорните за креирање на општествените политики (Влада) не се развие до степен на разбирање за улогата на наставникот во втемелување на вистинските вредности кај младите, дотогаш наставникот ќе биде таму кај што е. Сé додека политиката е во образованието, дотогаш ќе имаме погрешни луѓе на одговорни места, лоши резултати од работата на училиштата, слаби знаења кај учениците и незадоволни родители. Но тоа се однесува и за процесот на будење кај наставниците. Време е наставниците да ги превземат работите во свои раце. Време е да сфатат дека друг не може да ги бие нивните битки и дека со знаење и аргументи, со решеност да ги сменат работите ќе можат да ги придвижат работите кон подобро функционирање на работите во образованието.
ИМАШЕ КУЛМИНАЦИЈА НА НЕЗАДОВОЛСТВО
Фактор:Зошто се дозволи да помине еден ваков Закон со драконски казни и можност некои од наставниците да го загубат работното место и колку честите законски измени донесоа влошување на состојбите во образованието?
Б. Димковска:Сведоци сме дека изминатите дваесет години ние немавме синдикално раководство кое има свест за задачата која ја има во општеството и одговорност пред членството. Отсуството од визија и стратегии, од една страна, и желбата да се биде „некаде помеѓу“ доведоа до кулминација на незадоволство на членството, особено сега, за време на штрајкот и по негово прекинување. Отсуство од активност во време пред донесување на новите законски измени, избрзани одлуки за штрајк без да се утврди расположението и да се подготви членството за штрајк, доведоа до ситуација во која половина училишта во државата штрајкуваа, а другата половина и не знаше дека се штрајкува (заради начинот на известување или игнорирање од страна на повеќето медиуми). Комфорната улога која до сега го гарантираше местото на раководството на СОНК, во пресрет на реизборот на раководството, ќе мора да биде заменета со проактивна улога од страна на г-нот Јаким Неделков. Веројатно е свесен дека кај членството постои силно незадоволство од целокупното синдикално работење до сега во долг временски период, а сега кулминира со прекинот на штрајкот без донесени решенија. Создавањето нова синдикална организација (МЕСО) е силна порака до раководството на СОНК дека е дојдено времето за вистински одлуки, зашто членството нема да му дозволи нова шанса доколку не ги исполни барањата на членството. Сведоци сме на нова енергија во самото синдикалното здружение која придвижува и повеќе не дозволува премолчување, комфор и игри.
Честото менување на Законите за образование (особено високото) придонесуваат кон продлабочување на проблемите. Законите кои се однесуваат на образовниот систем треба да се носат врз основа на длабока анализа за состојбите во сите негови сегменти. Законските решенија кои произлегуваат од знаењата и искуствата на сите чинители на воспитно образовниот процес, единствено можат да бидат полезни и применливи. Таквите решенија, поставени еднаш, водат кон создавање силен образовен систем кој ќе понуди квалитет во личниот и општествен живот на граѓаните.
Фактор:Дополнително и учениците веќе не го кријат своето незадоволство токму поради екстерното, ниските и негативни оценки кои завршија во нивните свидетелства влијаеја на успехот и уписите во повисоко образование, а тука се и новите Закони за високо образование со кои ќе бидат соочени во иднина. Каде според Вас треба да се бараат решенијата?
Б.Димковска.:Сметам дека во средното образование, екстерното тестирање е сосема непотребно. Зошто? Да речеме тестирањето е спроведено на крајот од основното образование. Наредните години, ученикот го насочува своето образование кон одредена професија, а на крајот полага државна матура која се состои од три задолжителни предмети (македонски јазик, математика и англиски јазик), четвртиот испит е по избор на ученикот и изработка на проектна задача (семинарски труд) која се брани пред комисија од наставници. Зарем државата нема доверба во веќе осмислените механизми за проверка на квалитетот на знаењата на учениците реализирана токму преку државната матура? Зарем на матурантите им е потребно постојано проверување (овој пат на полугодие) дополнително екстерно тестирање (пак од државата) по нови два предмети? Верувам никој тука не гледа логика во настојувањето да се спроведе екстерното во средните училишта. Секој може да истражи и да се увери дека во ниту еден образовен систем во Европа и светот не се врши екстерно тестирање на учениците секоја година од трето одделени до четврта годиуна средно образование. Само и единствено кај нас. Мислам дека тој факт е доволен и сé кажува.
На кој начин оценката од екстерно делува врз ученикот? Оценките од екстерното тестирање влегуваат во свидетелствата и влијаат врз успехот на учениците. Има најразлични ситуации во кои учениците се оценети нереално. Ако знаеме дека системот на екстерна проверка е од научен аспект погрешно заснован, тогаш нема двојба дека на учениците им е нанесена штета со тоа што таа оцена за многумина беше пресудна за упис на факултет. Тоа значи оневозможување да се исполни нечиј животен сон поврзан со професионалната ориентација на младите. Затоа, особено сега, наставниците не смеат да дозволат поминување и озаконување на нешто што не може да биде мерило за успехот и постигнувањата на учениците. Ако го премолчиме ова, ние наставниците, свесно нанесуваме штета на младите. Штетите пак за наставникот се мерат од материјален аспект. Овде не станува збор за револт и одбивање да се прифатат измени кои водат до казнување, туку нешто многу посуштинско – овде станува збор за одбивање на погрешно заснован концепт за награди и казни.
Не може со преку ноќ донесени измени да се очекуваат позитивни ефекти и резултати. Ниту едно општество не смее да си дозволи „луксуз“ поединци да ги поставуваат основите на образованието кое е втемелувач на општествените и лични вредности според кои младите ќе го градат општеството. Искуствата во демократските општества (пример образованието во Р. Финска) покажуваат дека образование засновано на принцип на доверба и свест кај граѓаните е можеби најдобриот модел за градење систем кој ќе произведува вредност. Само во таков амбиент, вредноста (наставникот) ќе создава вредност (личноста и знаењето на ученикот).
МОЖНИ РЕШЕНИЈА
Фактор:Каде да ги бараме решенијата?
Б. Димковска: Постојат неколку клучни точки, кон кои треба да се насочиме и целосно да се посветиме за да го поставиме образовниот систем на здрави основи. А кога темелот е јак, градбата цврсто стои и одолева на времето.
- Прво, за враќање на доверба во системот, потребно е враќање на сила на претходните Закони за основно, средно и високо образование, затоа што новите законски решенија се целосно неприфатливи, неодржливи и некомпатибилни за нашиот систем на образование. Без учество на практичарите, без отворање широка јавна дебата, усвојувањето на законите за образование не може да биде основа за градење квалитетен образовен систем кој првенствено ќе промивира демократски вредности и ќе произведе квалитет на пазарот на трудот.
- Да се направи ревизија на целиот воспитно образовен систем. Притоа, особено важно е да се направи темелна анализа на состојбите и проблемите во предучилишно, основното, средното и високото образование и да се посочат слабостите со кои се соочуваат наставниците во сите нивоа на образование. Неопходно е екипирање сите расположливи човечки ресурси кои имаат познавање од соодветна образовна проблематика и да се насочат кон анализа на состојбите (со практичари од предучилишните установи, основно, средно и високо образование) и да се изработи студија за слабостите и предизвиците во образовниот систем на Р. Македонија. Националната програма за развој на образованието (2005-2015),е добра основа за воспоставување на воспитно образовните цели на нашиот систем за наредниот период од десет години. Развојот на информатичката технологија, процесите на глобализација, потребата од размена на програми, идеи и исуства, пред наставниците поставува нови предизвици – оспособување и „градење“ компетентни луѓе за живот во 21ви век. Според тоа, системот на образование мора да се разбере како еден систем во кој личноста на поединецот се гради од најрана возраст, до заокружување на образовниот процес. За таа цел, мора да постои поврзаност помеѓу различните нивоа на образование и нивна усогласеност (предучилишното со основното во делот на програмиоте,образовните политики на средните насочени училишта мора да ги следат резултатите од основното образование, факултетите да ги следат потребите на пазар на труд). Само така образованието сфатено како процес може да се создадат основи за изготвување стратегии за развој.
- Зголемување на број на студиски години за студентите кои се подготвуваат за идни наставници. Јакнење на наставничките компетенции за време на студиите и оспособување за практична и истражувачка работа.
- Изготвување нови наставни планови и програми во сите нивоа на образовниот систем. Комплетна ревизија на постоечките, растоварување од големиот број предмети кои се изучуваат во основното и средното образование, нови студиски програми на факултетите кои образуваат наставни кадри, зголемување на процентот на практична и истражувачка настава. Засилување на соработката помеѓу факултетите и училиштата и економските субјекти со цел подготвување за работа и дејствување во општеството.
- Изготвување на акредитирани програми за професионален развој на наставниците. Академијата за наставници треба да биде национално тело, задолжено за едукација на наставниот кадар, низ добро осмислени обуки и семинари за наставниците кои се веќе дел од училишната пракса. Сметам дека не е добро решение посетување обука (во времетраење од осум месеци)и стекнување со лиценца за наставник. Освен тоа, во новите законски решенија не е дефинирано дали има временска рамка на важење на лиценцата. Што ако важи две години, како што се шпекулира?
- Изготвување нов модел за кариерен развој на наставниците. Според новите законски решенија, кариерниот развој на наставниците е заснова врз резултатите од екстерните тестови што знаи целосно е неоснован и како таков неприфатлив.
- Јакнење на улогата на Бирото за развој на образование, а слабеење на инспекциските органи. Целта е градење систем заснован на доверба и градење свест кај секој граѓанин во општеството дека е активен чинител и учесник во општествените процеси. Јакнење на одговорноста на секој граѓанин за сопствениот придонес кон развојот на општеството и создавање свест за градење општество засновано на знаење.
- Националните тестови и резултатите од меѓународните тестирања да бидат показател на слабостите во образовниот систем и во зависност од истите да се креираат понатамошните образовни политики. Имајќи ги европоските и други искуства, националното тестирање да биде спроведено само на крајот на основното образование (девето одделение).
Слично
