Била првенец во генерација, а никој не сака да ја вработи кога ќе ја види нејзината лична карта
Дваесет и тригодишната Саша дипломирала графички дизајн со просек 9.5 како еден од најдобрите три студенти во генерацијата.
Но, и покрај нејзиниот успех таа не може да најде работа.
Ниеден работодавец не сака да ја вработи кога ќе и ја види личната карта. Проблемот е што Саша е родена како маж.
„Се случувало да бидат и крајно директни па многу пати ми беше дури и кажано дека не сакаат да ме вработат за нивната репутација да не биде доведена под знак прашалник ако вработат транс личност, а се случувало и да ми се смеат и да ме навредуваат. Некогаш велат дека не се заинтересирани, што би било сосема во ред, кога би го имале истиот тој став и пред да ја погледнат мојата лична карта на која што се гледа машко име”-раскажува Саша.
И покрај сите потешкотии, таа одлучила јавно да каже дека го започнала и медицинскиот процес на транзиција.
„Транзицијата најпрво ја започнав тајно. Повеќе не можев да живеам ваков живот, а за тоа знаеја само моите најблиски. Долго време се обидував сето тоа да го потиснам во себе и кога сфатив дека или ќе живеам како девојка, или ќе си го одземам својот живот, знаев дека е време за промени” - вели девојката.
И покрај проблемите и предрасудите со кои секојдневно се соочува, Саша вели дека денес е среќна затоа што конечно е она што од секогаш била – жена.
Но истовремено таа потенцира дека транс личностите се чувствуваат незаштитено и правно, и физички.
„Се бориме со животот во телото кое што сепак не прави да се чувствуваме пријатно во него, и токму затоа и не ме ни зачудува статистиката која што вели дека секоја втора транс личност барем еднаш во животот се обидела да си го одземе животот. Мене силата ми ја дава моето семејство и пријателите, како и мојата уметност, а се надевам и дека за две години ќе завршам со операциите и потполно ќе станам она што всушност и сум" - вели дизајнерката.

