БИХ напредува, догодина ќе добие кандидатски статус за ЕУ
Босна и Херцеговина бележи напредок поради што следната година може да добие кандидатски статус за Европска Унија.
Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан изјави вчера во Сараево дека земјата би можела до крајот на следната година да добие кандидатски статус за членство во ЕУ. Тој ги повика властите да продолжат со исполнување на останатите услови за приближување кон ЕУ.
Со решавање на прашањата за прилагодување на Договорот за стабилизација и асоцијација, усогласување на системот механизми за координирање на европските работи и напредокот во спроведувањето на реформите, „постои реална можност БиХ да добие статус на кандидат до крајот на 2017 година, тврди Хан. Еврокомесарот изрази очекување дека државата што е можно побрзо ќе ги реши тие прашања, за да може по враќањето во Брисел на состанокот на Советот за надворешни работи да поднесе позитивен извештај за земјата.
Тој наведе дека земјата направила значаен напредок и затоа треба уште поодлучно да ги исполнува своите обврски.
Претседавачот со Претседателството на БИХ, Драган Човиќ во име на земјата во февруари годинава на министерот за надворешни работи на Холандија, Берт Кундерс, му го предаде барањето за членство во Европската Унија.
