БИ-БИ-СИ-УКРАИНСКОТО ЖИТО ПРЕКУ БЕЛОРУСИЈА: „Тоа е можно, но прво да се укинат санкциите кон Минск“
Рускиот
претседател Владимир Путин негираше дека Москва ги спречува украинските
пристаништа на Црното Море да извезуваат жито и рече дека најдобро решение ќе
биде извозот преку Белорусија, под услов да се укинат санкциите против Минск.
Русија е обвинета за блокирање на извозот на жито, но Путин рече дека западните земји ја обвинуваат Москва за проблемите со глобалниот пазар на храна, јавува Би-Би-Си.
„Ако некој сака да го реши проблемот со извозот на украинско жито - ве молам, најлесно е преку Белорусија. Никој не го спречува тоа“, рече Путин во интервју за руската телевизија.
„Но, за ова мора да ги укинете санкциите кон Белорусија“, додаде шефот на руската држава.
Украинските земјоделци располагаат со околу 20 милиони тони жито што не може да се транспортира на меѓународните пазари, а наскоро ќе започне и нова жетва.
Според извештаите на руската агенција ТАСС, Путин рекол и дека Русија е подготвена да го поддржи непречен извоз на украинско жито преку пристаништата под нејзина контрола.
„Ќе го поддржиме мирниот транспорт, ќе ја гарантираме безбедноста на пристапот до овие пристаништа, ќе го поддржиме повикот на странски бродови и нивниот сообраќај во Азовското и Црното Море во која било насока“, рече Путин во интервју за ТВ каналот „Русија 1“.
Путин нагласи дека Русија нема да поставува „никакви услови“.
„Многу пловни објекти се задржани во украинските пристаништа“, рече Путин, додавајќи дека ги има „десетици“.
„Тие се само затворени таму и, патем, екипите се држат како заложници таму“, рече Путин.
Ројтерс наведува дека неможноста на Украина да извезува жито доведе до скок на глобалните цени на храната и ги зголеми шансите за глад во земјите кои зависат од овој извоз.
Во меѓувреме, украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба на Твитер напиша дека Украина е подготвена да ги создаде неопходните услови за продолжување на извозот од пристаништето Одеса.
„Прашањето е како да се обезбеди Русија да не го злоупотреби трговскиот пат за да го нападне градот Одеса. Засега нема гаранции од Русија. Бараме решенија заедно со Обединетите нации и партнерите“, напиша Кулеба.
