БЕЖОСКА: Нема потреба од инстантни мерки, инфлацијата зголемена
Инфлацијата останува во контролирани рамки, изјави денеска гувернерката Анита Ангеловска Бежоска објавувајќи ги најновите макроекономски проекции на Народната банка. Сепак за годинава се прогнозира повисока стапка на инфлација од првично проектираната или инфлација од 3,1 процент.
„Засега не се очекуваат поизразени шокови, се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки и нема потреба од инстантни реакции и мерки на Народната банка. Следната година инфлацијата ќе се стабилизира и проектираме стапка на инфлација во 2022 година од 2,4 проценти, а потоа постепено на околу 2 отсто на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката. Под влијанието на пролонгираното траење на пандемијата, на меѓународните пазари и понатаму постои голема променливост на цените на примарните производи, а со тоа и неизвесност околу движењето на увозните цени, како на краток, така и на подолг рок, изјави Бежоска.
На прашањето за енергетската криза и згомемувањето на цените гувернерката вели дека се очекува стабилизирање на пазарот веќе од следната година.
„Се разбира доколку има пролонгирани ефекти ќе се одразат на повеќе сегменти. Затоа, како што споменав, правиме умерена нагорна корекција и на трговскиот дефицит, а причината е токму порастот на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување којшто го забавува извозот и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка, рече гувернерката.
Соопшти дека дефицитот на тековната сметка, како и во преткризниот период, ќе биде во целост финансиран од приливите во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви на среден рок. Во моментов девизните резерви изнесуваат 3,6 милијарди евра.
Инаку Народната банка предвидува раст на БДП годинава од 3,9 проценти и постепено да достигне стапка од 4 отсто, на среден рок. Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции.
А.Т.
