Економија, финансии, бизнис

Контакт

Безгрижно детство за секое дете, утопија или реалност!

Безгрижно детство за секое дете, утопија или реалност!

19 ноември - Меѓународен ден за превенција од насилство врз децата!

Дванаесет години на 19 Ноември,Меѓународниот ден за превенција од насилство врз децата, детето се наоѓа во центарот на вниманието. Но, сеуште незаштитено, предмет на семејно насилство, физичка тортура и притисоци. Честопати и децата, а и родителите и семејството,  молчат за тешкиот живот во кој тонат поради сиромаштија, невработеност, пороци или економска пропаст. Деца на улица, питачи, препродавачи –се честа слика и во нашата земја. Надлежните знаат за проблемите,  но молчат или недоволно вложуваат да ги решат истите- реагираат од невладиниот сектор. Но,  како  да се искорени или барем намали страдањето на најневините,  кои случајно се нашле очи во очи со суровата судбина?

Од првата детска амбасада “Меѓаши” велат дека 365 дена,  секојдневно работат  со деца од ранливите категории, сиромашни, гладни, тепани, малтретирани. Секое дете кое собрало храброст да побара помош, неможејќи да го издржи теророт,  е само мотив повеќе,  барем на овој ден да алармира, дека црвената линија одамна е помината. А, вакви деца за жал има многу. Пред очите на случајните минувачи, во домот, помеѓу пријателите, на раскрсниците, околу нас. Прашањето е дали успеваме барем со еден поглед да ги забележиме и да ја активираме свеста за хуманост и одговорност?

Во текот на првата половина од 2013 година, на СОС телефонот за деца и млади при Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” се регистрирани 105 јавувачи. Нивниот број секојдневно расте. Храброста ги надминува границите на стравот, децата ја креваат слушалката за да го пријават насилството. Иако, наивни, ранливи и со пионерски чекори, тие се мотив повеќе да се вклучи алармот до надлежните. Насилството постои, но треба да се казни и препознае.

“19 ноевмри како Меѓународен ден за превенција на децата од насилство се одбележува од 2001 година. Целта на овој ден е да се подигне јавната свест за сите форми на насилство врз децата, особено за оние кои долго време се молчело. Оваа година главна тема е: детска проституција, порнографија и препродавање на деца. Некои од активностите се едукација на децата за нивните права, со цел да се освестат и доколку се жртви на било која форма на насилство,  истото да го препознаат и пријават.Бидејќи само така ќе се ослободат и од грижата и од агресијата. Државите да ги превземат сите активности  за заштита на децата и нивните права повикувајќи се на Конвенцијата за правата на детето. Секоја година се организираат најразлични активности кои имаат за цел да ја зголемат јавната свест за траумите и последиците кои ги имаат децата жртви на насилство, како и да  им се изготват превентивни програми кои би се покажале ефективни. Во своите работилници за правата на децата ги информираме за нивните права и должности како и за начините на кои тие можат да се заштитат”-вели Драги Змијанац-извршен директор и основач на Првата детска амбасада “Меѓaши”.

Семејното насилство на врвот на теророт!

Според податоците од СОС телефонот за деца и млади 0800 1 22 22, најчест вид на насилство врз децата во нашата земја е семејното насилство. Веднаш по него е  проблемот со децата кои живеат во субстандардни услови. Првата детска амбсада “Меѓаши” смета дека потребно е државата да  обезбеди подобра заштита на децата и да разработи сеопфатана стратегија за заштита на децата од насилство кое секојдневно го трпат. Неопходно е синхронизирано дејствување на сите релевантни институции, преземање на обврските и одговорностите  предвидени со Уставот и Конвенцијата. За таа цел, според нив,  потребна е подобра соработка меѓу граѓанските организации и институциите на државата задолжени за спроведување на грижата и заштитата за сите деца во Македонија.

“Со цел да се превенира насилството во подолготрајни рамки,  потребно е навремено санкционирање и казнување на сторители без разлика за каков вид на насилство станува збор и кој е вршителот на насилството. Доколку децата се јават како сторители потребно е стручните лица од соодветните институции да ги превземат сите неопходни мерки и активности со цел да се рехабилитира детето-насилник и да се откријат подлабоките причини за појава на таков вид однесување. Сите они кои дирекно или индирекно, свесно или несвесно влијаеле и предизвикале такво однесување кај детето треба да се санкционираат.

Потикнувањето на агресија, дискриминација и нетолеранција исто така тереба да биде казнето и санкционирано. Доколку сторителите не се казнат истите повторно ќе продолжат со својот модел на однесување, тогаш  на индиректен начин институциите и тие кои се одговорни да го казнат и спречат таквото однесување,  всушност го одобруваат и му даваат поголема моќ на насилникот. Потребно е државните институции и граѓанските организации превентивно да работат на зголемување на јавната свест за насилство врз децата со последица нанесување на тешки телесни повреди и смрт. Првата детска амбсада Меѓаши со цел да го намали агресивното однесување и насилството врз деца ги потикнува децата, родителите, наставниците и сите други кои се сведоци на вакво однесување истото веднаш да го пријават до надлежните институции или на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 со цел да се превенира и да се заштити детето кое пројавува вакво однесување како и другите деца кои се жртви на тоа однесување. За таа цел се обучени повеќе од 200 волонтери кои знаат како да му помогнат на секој кој се охрабрил да побара помош” –додава извршниот директор на Меѓаши, Драги Змијанац.

Моќта на одговорното родителство!

Дали денес го гушнавте вашето дете?, Дали денес разговаравте со вашето дете? Дали денес му кажавте на вашето дете колку го сакате?  Родителството се надоградува и учи, но треба да бидеме спремни за промена на своето однесување и отворени за прифаќање на некои други покреативни начини на воспитување со цел да им обезбедиме безбедно и среќно детство.Ова се дел од кампањите на детската амбасада кои барем ги ставија на мисла родителите, дали и како го поминале денот и колку од своето време поминале со децата?!

И психологот и психотерапевт Милка Ололовска,  вели дека за проблемите никогаш вината не треба да се лоцира во децата. Родителите или возрасните за да ја симнат вината од плеќите,  најлесно е да го обвинат детето. Најчести злоупотреби кај нас  се физичките, психичките и емотивните, а сеуште  најизразено е  физичкото насилство и злоупотребата. Психолошкото насилство е притаено, а тоа остава длабоки траги и последици  во развојот на детето како здрава и зрела личност.

“Насилството честопати не се манифестира надворешно и најчесто децата не зборуваат за таквото злосторство. Од физичко во смисла на нови казнувања -малтретирање, потоа  емотивното, со навреди и казни директно упатени на детето. Комбинацијата од  физичкото и психичкото насилство носи и социјално исклучување, изолација на децата кои стравуваат дека ќе бидат осудени или отфрлени од другите . Се кријат другите да не приметат, дека има некоја промена,  модрица, оток и сл. Насилството во домот е честопати врзано и со другите членови од семејството.Ниедно злосторство,  па ни најмала казна нема оправдување, независно што и да се наведува како причина тоа да го прават оние кои го вршат истото. Некои се обидуваат  на некој начин да  си ја оправдаат својата постапка. Сепак,  сметам дека треба генерална едукација на родителите,  да се зборува што е можно повеќе јавно, бидејќи стравот е оној кој ги инхибира, децата немаат доверба дури ни на наставниците да им се пожалат а камоли на стручните лица. Затоа често  го менуваат мислењето, стануваат повлечени или пак тие стануваат агресивни и манифестираат агресија. Тие се двата  индикатори, тотално повлекување и затворање во свој свет или агресија врз послабиот. Треба со нив да се работи, но треба да се поработи и со нивните родители.

Е, тука се јавува отпор, дури и  закани. Значи,  потребно е повеќе да се зборува, колку повеќе се зборува толку луѓето сваќаат дека тоа не е само нивен личен проблем кој не треба да излезе во јавноста, мислам дека веќе добива размери на општествен проблем. Родителите забораваат да го гушнат своето дете, постојано се во некоја брзаница, бизнис,  борба да преживеат или мислат го прават слабич дететето ако го гушкаат,  бидејќи тие не биле гушкани или не го добивале вниманието од своите родители. Морам да потенцирам,  тоа градење на заедничка љубов и почит е многу битен елемент во развојот на децата. Колку повеќе допир и емоции има родителот со децата,  толку подобро ќе ја разберат искрената потреба на детето-да биде сакано и почитувано. Родителите  треба и мора да го гледаат уште од бебе своето дете како личност со свои потреби, желби и навики на кои ќе се прилагодуваат во од. Инаку, ќе загубат многу,  а тоа ќе ги чини многу скапо-да го пропуштат животот на своето дете. Има ли потешко од тоа?” -вели психотерапевтот Милка Ололовска.

Деца на улица!

Проблемот со децата кои секојдневно живеат во субстандардни услови и кои се изложени на најтешки форми на злоупотреба на нивниот труд е присутен и во Македонија. Иако нашата земја  ја ратификуваше конвенцијата бр.182 на 31.05.2002 година, сеуште состојбата со злоупотреба на детскиот труд е алармантна. За решавањето на овој повеќе децениски проблем  потребни се посериозни и поголеми напори од институциите во решавањето на истиот.  Имено, доколку за овие семејства не се обезбеди барем за едно лице вработување, покрив над главата и вклучување на овие деца во задолжителното основно образование, децата на улица ќе бидат и понатаму жртви на сиромаштија и неписменост.

Кога овие деца ќе имаат покрив над главата, сметаат од првата детска амбасада Меѓаши,  кога нивните родители ќе располагаат со минимални средства што самите ги заработиле,  и кога нивните деца ќе бидат на училиште наместо на улица,  проблемот со злоупотребата на детскиот труд можеби нема да се искорени,  но секако ќе се намали. Децата на улица,  ако се вклучат во училиштето ќе бидат дел од  образовниот процес и ќе имаат други навики и потреби. Ќе треба и ќе мора да ги исполнуваат училишните обврски. Ако им се обезеди покрив над главата и по едно вработување на овие семејстава државата ќе има механизми за одземање на овие погодности за овие семејства доколку ги најдат повторно децата на улица.-велат од Меѓаши.

Девојчињата,велат од детската амбасада,  двојно повеќе се јавуваат за помош за разлика од момчињата и тие имаат повеќе храброст да го направат првиот чекор. Најголемиот број од децата, потенцијални жртви насилство,  се на возраст од 6 до 14 години. За 20 години, откако е формиран СОС телефонот за деца и млади биле регистрирани близу 20 000 повици за прекршување на некое право. Меѓународниот  ден за превенција од насилство врз децата е еден од деновите кога се укажува за можните последици од насилството кое секојдневно го трпи по некое дете, но не е доволен да се решат проблемите. Сепак, овој  ден е обид и мотив,  родителите, училиштата, институциите да подразмислат како на детето да му дозволат да го искористи своето единствено право “да го живее безгрижното детство”!

С.Б.

Слично

Поврзани вести