Без притвор заврши распитот во ОЈО на членот на Левица
Како што објавивме, Мариглен Демири, членот на Президиумот на Левица денеска во 12 часот беше повикан на информативен разговор во Основното јавно обвинителство Скопје.
Епилогот од распитот е дека нема мерки против Демири.
Како што Демири сам објави на Фејсбук, распитот во ОЈО е завршен, а според неговите зборови обвинителката била коректна.
„Дадов изјава, нема мерка притвор, борбата продолжува. Смрт на фашизмот слобода на народот!“, напиша Мариглен Демири.
Демири беше повикан на распит поради неговото учество во протестите по одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболиција.
„Потсетуваме и дека по претходните приведувања и апсења граѓанскиот револт само растеше. На граѓан(к)ите им е совршено јасно дека ваквите апсења се последниот очајнички обид на режимот да го скрши протестното движење и да се спаси. Граѓан(к)ите препознаваат селективна правда и затоа денес ќе излезат во уште поголем број на протест, за да ја повратат слободата и правдата“ – велат од Левица.
Ова е четврти пат како нивен член се приведува или повикува на информативен разговор поради учество на протестите, по приведувањето на Бранимир Јовановиќ и притворањето на Здравко Савески и Владимир Куновски.

