Бетон Штип од позитива во вториот квартал ја „цементираше“ загубата
Градежната компанија Бетон АД Штип од прв квартал кој го заврши во позитива во вторите три месеци од годинава има сосема спротивни резултати и според финансискиот консолидиран извештај каде влегува и работата на придружната Омега успева не само да ги намали вкупните приходи, туку и драстично да ги зголеми расходи што значително влијае на севкупната загуба на компанијата.

Штипски Бетон во првиот квартал имаше вкупно 128,4 милиони денари приходи за на крајот на полугодието да достигне само 243,3 милиони денари што е голем показател за назадувањето и намалените оперативни активности. Растот освен квартално, драстично послаб е и ако се спореди и вкупно со истиот период лани кога приходите на Бетон Штип изнесувале многу повисоки 353,6 милиони денари.
Расходите на Бетон Штип во првиот квартал изнесуваа 112 милиони денари што беше знак за помала активност во перидот но, и тие беа пониски за 61 милион денари во споредба со истиот квартал лани. Сега состојбата е позагрижувачка бидејќи и во време на послаба актива Бетон Штип бележи зголемено ниво на расходи во вториот квартал од годинава кои изнесуваат 147 милиони денари или вкупно 259 милиони денари на крајот на првото полугодие од 2017 година. И натаму големи трошоци има за суровини од 66 милиони евра за првите шест месеци од годинава иако тие се преполовени во однос на 2016 година, како и 81 милион денари за вработени како речиси фиксен трошок кој не претрпел поголеми промени. Бетон Штип идентично како и во првото полугодие лани така и сега имал 12 милиони денари финансиски расходи.
Бетон Штип бележи голем пад на профитабилноста како во споредба меѓу првиот и вториот квартал годинава, така и во споредбата на полугодие од оваа и ланската година. Бетон Штип заклучно со 30 јуни 2017 има загуба од дури 57,5 милиони денари. За илустрација лани полугодието го заврши со добивка од 29 милиони денари, додека пак првиот квартал од годинава иако имаше пад, одржа позитива со 4 милиони евра.
Автор: Христијан Станоевиќ