Бетон ли е дивидендата на „Цементара“?
Дивидендата за акцијата на „Усје“ од добивката во 2017 година ќе биде 1.527 денари, одлучија вчера акционерите на таа компанија. Тоа е 6 отсто принос од последната пазарна цена. Оваа дивиденда во однос на дивидендата дадена за 2015 година е пониска за 22 отсто
Акционерите на единствената македонска фабрика за производство на цемент и усјемал одлучија да поделат дивиденда во износ од 1.527 денари за акција, одлучено е на последното акционерско собрание одржано вчера.
Вкупниот износ на дивиденда што ќе биде поделен на акционерите на „УСЈЕ“ изнесува 860,9 милиони денари односно 13,93 милиони евра. Од тоа 785,7 милиони денари се дивиденда од ланската добивка на компанијата и уште 75,2 милиони денари се нераспределена добивка од 2016 година. Последен ден со право на исплата на дивиденда е 20 јуни. Во однос на последната пазарна цена на таа акција, која изнесуваше 25.235 денари, износот на дивиденда носи принос од 6 отсто.
Со најновата дивиденда за 2017 година се создава тенденција на благ пад на износите на дивиденда што ги дели оваа голема компанија. За потсетување од добивката во 2015 година „Усје“ подели 1.964 денари дивиденда, во 2016 година подели 1.670 денари дивиденда и за лани ќе подели 1.527 денари. Значи дивидендата за 2017 година во однос на дивидендата за 2015 година е пониска за 22 отсто.
Како годинава ја почна „Усје“?
Скопската цементарница „Усје“ во првите три месеци годинава книжи помали приходи во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех на оваа голема домашна компанија. Имено, продажбата на домашниот пазар за првите три месеци годинава изнесува 428,5 милиони денари што е за 15 отсто послабо отколку во истиот период лани кога „Усје“ на домашниот пазар продал цемент, усјемал и други градежни материјали во вредност од 503 милиони денари.
Слична е тенденцијата и со продажбите на странски пазари. Имено за првите три месеци годинава извозот на стоки на „Усје“ е 194,46 милиони денари што е за 12 отсто односно 27 милиони денари послабо од истиот период лани. Сепак падот на продажбата на „Усје“ е многу значајно поизразен на домашниот пазар.
Од билансите на „Усје“ се гледа дека компанијата значајно ги зголемила залихите во првиот квартал оваа година. „Усје“ годинава ја почнал со вредност на залиха од 69 милиони денари, а сега таа изнесува 179,3 милиони денари што значи дека пораснала за три месеци за 110 милиони денари. Според официјалните податоци залихите на „Усје“ пораснале за 188 отсто во споредба со состојабата со истиот период лани. Кога се гледа состојбата на вкупните приходи кај „Усје“ очигледно е дека компанијата има значаен пад на вкупните приходи . Годинава тие изнесуваат 645,7 милиони денари и се 14 отсто пониски од истите во првиот квартал лани.
Оперативните расходи пораснале за 93 милиони денари иако продажбата паднала 98,5 милиони денари
Оперативните расходи на „Усје“ за првиот квартал изнесуваат 655,8 милиони денари и се повисоки за 17 отсто од лани. Значајно да се истакне е тоа што за овој период тие се повисоки од целиот приход од продажба. Најголем скок има кај ставката набавна вредност на трговски стоки која сега изнесува 2 милиони евра, а лани во истиот период била 1,1 милиони евра. Скок на трошоците има и кај најголемата поединечна ставка трошоците за суровини и материјали и растот е 42 милиони денари, а нивото е 302 милиони денари. Кај другите расходни ставки нема значајни отстапувања годинава во споредба со истиот период лани.
Оперативната добивка е 100 милиони денари и бележи пад за 15 отсто во однос на истиот период лани. Нето добивката по одбиток на данокот изнесува 95 милиони денари и во споредба со истиот период лани е пониска за 14 отсто.
Р.Ф.
